Како Ковачевски го замислува заедништвото во Македонија?

И на овој државен празник главните државни функционери повикаа на заедништво и обединување на граѓаните на Македонија. Впрочем, тоа им стана навика при секој позначаен говор. Зошто е така, затоа што навистина во земјава нема заедништво и тоа мора да се случи или пак повеќе е затоа што премиерот и претседателот немаат што друго мудро да кажат?

Но, многу поважно прашање е дали по кажаното токму тие функционери работат на постигнување на заедништво меѓу македонските граѓани. За очекување е и тие самите да знаат дека не е доволно само да се повика на обединување.

-Сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре. Но пред се за посветена работа, за да развиеме, силна успешна и просперитетна европска држава, рече вчера премиерот Ковачевски при говор кој го игнорираше опозицијата, а го исвиркуваа многу граѓани.

Премиерот ги споменуваше и визите на револуционерите Делчев, Гули, Сандански, Карев, на Крушевската Република за обединување еднаквост, правичност… и потенцира:

-Наша заедничка должност е да се обединиме и независно од политичките определби.

Убаво кажано. Политичките препукувања и исклучителности се рак рана на македонската држава. Но, што конкретно прави Ковачевски тоа да се премавне и да дојде до неопходно обединување? Ете и самиот вели дека тоа е должност.

Можно ли е да дојде до обединување ако во едни пригоди повикуваш на заедништво, а во други кажуваш и правиш работи со кои не се согласува голем дел од македонскиот народ?

-Ако тераат се само по свое, а забораваат дека огромен дел од народот гласал за друга опција и има други очекувања, тогаш ништо од заедништвото, ни прокоментира пред извесно време за потребите на неделникот „Скопско Ехо“ за истата тема, аеродромецот Андреј.

Време е Ковачевски да расчисти што за него е заедништво и како сака да дојде до толку потребното обединување во Македонија. Да се надеваме дека не мисли оти заедништво е – тој и неколкумина околу него да прават се што наумиле, а сите останати во земјава обединето да ги следиме и да им ракоплескаме.

Претходна вестЗахарова: Донацијата на тенкови од Скопје за Киев е голема грешка
Следна вест46-годишна неготинчанка е во кома откако ја претепал партнерот