Од денеска во амбасадорска мисија на Македонија во странство заминуваат петмина луѓе. Тројца од нив ги образложија нивните мисии за земјите каде сакаа да бидат назначени, а за кои денеска претседателот Стево Пендаровски ги потпиша указите. Станува збор за Евгенија Илиева во Словачката Република, Агрон Буџаку во Канада, а Дритон Кучи заминува во Кралството Норвешка.
Тие говореа пред Комисијата за надворешна политика во вторникот. Но, указите за останатите двајца Агнеса Руси Поповска за Бугарија и Методија Белевски за Белгија, Пендаровски ги потпиша без да слушне какви и кои се нивните мисии, односно без настап пред Комисијата.
Руси Поповска оди на дестинација сериозно деликатна во овој момент, во Софија, а зошто претседателот одлучи да и даде зелено светло без таа да „помине“ на Комисијата за надворешна политика- останува енигма.
Истото важи и за Белевски. Имено, во него е вперен прстот од историчарот Владо Ѓорѓиев кој ја напушти мешовитата комисија со Бугарија, заради притисоци – и тоа токму од Белевски. Имено, според Ѓорѓиев, тој во име на МНР притискал за политички одлуки и отстапки врз македонските членови на комисијата. Скандал што МНР никогаш не го демантираше, уште помалку самиот Белевски.
Како без да бидат слушнати и Руси Поповска и Белевски ги заслужија указите, претседателот ќе треба да објасни, иако според неговиот кабиент, сите петмина кандидати ги исполнуваат законските услови.