Како Шилегов планира, да испланира, план за планирање тунел под Кале?

Пак и најавија на скопјани дека ќе се прави тунелот под Кале. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов бил човек кој преферира добро да испланира пред да влезе во реализација. Така барем вчера си ги објасни сите доцнења околу капиталниот проект ветен на граѓаните во неговата кампања за скопски градоначалник пред три години.

И така… за тунелот се уште не е направен ниту проект. Градот неодамна го раскина договорот што го имал со турска фирма која и по цела година не го направила основниот прект за тунелот. Работите со тунелот пак се на почеток, пак ќе треба да се распишува тендер за проектанска фирма, ќе се чека да поминат роковите за жалби, ќе се чека на изработка, а реализацијата…

-Јас сум човек кој преферира добро да испланира пред да влезе во реализација, затоа и многумина мислеа дека првата година градоначалникот не работи ништо. Но, видовте дека како влеговме во реализација немаме застанато и јас немам намера да застанам, дали нареднава една, дали наредниве пет години. Во таа една, односно пет години ќе дојде до реализација и на тунелите, изјави вчера Петре Шилегов.

Убаво звучи, ама тука има само еден проблем. Ветувањето на Шилегов беше дека тунелот ќе се направи до крајот на 2022 година, односно, во време кога тече неговиот градоначалнички мандат. Значи, доброто планирање ќе беше ако активностите околу тунелот почнаа на време, а не со задоцнување. Што планирање е ова, ако сега пак има план дека ќе планира, да испланира за пет години да има тунел под Кале?

Засега е видливо само тоа дека Шилегов пред се планира да добие уште еден мандат.

Претходна вестВо базен во Прилеп пронајден удавен чуварот на објектот
Следна вестМицкоски ги повикува граѓаните утре на протест против насилството на мафијата на Заев