Колумна на Владимир Величковски:
Сите протестираат за некој денар повеќе, а знаат дека живееме на кредит: има гладни ама и такви кои ги полнат количките и ги празнат продавниците правејќи резерви со храна. Изгледа, побогатите и помоќните имаат повеќе шанси да преживеат. Како можеме да бидеме отпорни и одлучни на туѓите влијанија и притисоци ако не со добро организирано општество и држава? Партизацијата со целиот криминал и корупција ја опустошува земјата. Зарем имаме ум и разум, знаење кога единствено успеавме да ги разнишаме сите темели на институциите во земјата: не знам од каде да почнам! Градовите се загадени (а дали имаме индустрија?), се гради, но и се руши, без контрола и претпоставуваме дека некоја „урбана мафија“ е тесно поврзана со власта. Тоа, меѓу другото, значи дека површините плодна почва се намалуваат и нема кој да ги обработува: младите ја напуштаат земјата. Ова мало парче земjа со намален број жители може да се прехрани од организирано земјоделие и сточарство, меѓутоа, тоа не е така. Како ги воспитуваме младите и какво образование им дадовме? Освен тоа, здравствената пандемија и кризата ги одвикнаа од редовното учење фрлајќи ги во зависност од мобилките како и од дрогата. Се прашувам: каде завршува запленетата дрога? Наместо „револуција“ ослободување на умот и од простотилокот.
Партиските власти лажат и крадат, не мислат на луѓето туку на лично брзо богатење: Дали обичниот човек има на кого да му се обрати или да се осмели да бара лек или правда за без пари!? Против какво општество, држава и политика може да се борат и конфронтираат луѓето за да го добијат она што го заслужуваат? Секаде ќе стапнете на гнила штица или ќе се најдете пред затворена врата. Пишуваме знаејќи дека ништо нема да се промени: грамофони кои никој не ги чита. Одамна не може да се зборува за било каква уметност и култура зошто тие, во најдобар случај, треба да им служат на партиските интереси. Доволно е да слушнете изјави на партиски функционер, искажување на судија, професор или стручен советник и министер за да ви стане јасно во каква несредена држава живееме, на општа дезориентираност и дилетантизам. Како мислат, меѓу другото, од уништено Скопје да направат модерен град? Како успеавме самите да се понижиме и уништуваме и да им дозволиме на други толку да не понижат? Не е за верување: туѓа земја слободно, толку дрско и триумфално да влезе во македонски (мислевме дека е наш) град и да отвори „Клуб Ванчо Михајлов“ што е целосно непочитување на домаќинот кој порано со достоинственост се нарекуваше македонски народ и македонска држава.
Таквиот чин е отворена провокација на негирање и хегемонистичка порака дека „Македонија е едно со Бугарија“, дека треба да ги менуваме учебниците по историја о наместо „бугарски фашистички окупатор“ да стои „бугарски администратори“ во окупирана и поделена Македонија. Каков фалсификат! Сред Битола слушнавме (од учени политичари) дека според Уставот во Бугарија нема македонско малцинство, не се признаваат колективитети! Или, дека ниту еден македонски политичар не го поставил прашањето за македонското малцинство во Буагрија?! Истиот ден, Македонците го чествуваа Јане Сандански во Бугарија. Каде е тука моќната ЕУ, каде е нашето достоинство и кога трпиме пораз во држава на неправда, сиромаштија и трагична поделеност? Разголени сме, а сепак има некоја тајна како шум на подземна затната Стерна.