А резултатите од пописот?

Многуте реакции и незадоволства од тоа како се спроведе Попис – како да спласнаа. Сега само спорадично по некој реагира и чека власта да каже дали објавените резултати од пописот на населението во Македонија се конечни? Таков кој чека е и владеачкиот пратеник Павле Трајанов. Тој е незадоволен од резултатите и побара од Владата, за чие политичко опстојување упорно гласа, да формира експертска комисија која во соработка со ДЗС ќе ги провери податоците и ќе ги отстрани грешките.

Владата го зема неговиот глас во парламентот, ама не го зема на разгледување неговиот предлог. Директорот на ДЗС Апостол Симовски експресно ја одби таа идеја со образложение дека тоа ќе значи „пописот од статистичка да стане политичка операција“. 

А токму тоа дека пописот е претворен во политичка операција е забелешката на голем дел од македонската јавност.

Што значи овој институционален молк околу спорните пописни резултати околу кои имаше многу реакции? Повеќе партии, граѓански здруженија на Роми, Бошњаци, Турци, Власи, Срби…, МПЦ-ОА… сооопштија дека не ги прифаќаат резултатите и немаат верба во сооопштеното. Не можеа да прифатат дека има толкаво намалување на одделни етнички заедници, тоа дека не се знае кои се по етничка и верска припадност оние 132.000 лица кои се административно попишани, како се дозволи 242.000 граѓани да се попишуваат само како „христијани“, како се случи претумбацијата со бројките на „атеисти“ и „евангелисти-протестанти“, менување на табелата…

Заради сето тоа кон пописот, кој се спроведе за првпат по цели 19 години, владее една општа недоверба во бројките коишто ги донесе. Освен владеачките партии СДСМ и ДУИ сите останати не ги прифаќаат пописните резултати. 

Зарем ќе се остави така да биде, зарем тоа е добро и зарем тоа беше целта на пописот – да направи нови проблеми и поделби во општеството? Дали и ова ќе заврши според народната „секое чудо за три дена“? Премногу неправедности во Македонија така завршуваат. Затоа и државата е константно во криза.   

Претходна вестВо ноќен клуб во Виница затекнати малолетници, неиздавање фискални сметки…
Следна вестКако успеавме да им дозволиме на други толку да не понижат?