Камерите на рамењата на полицајците да не завршат како камерите на бандерите

Од минатата недела тетовските сообраќајни полицајци носат на рамо мини-камери со кои се снимаат нивните разговори со возачи кои ги прекршиле прописите. Целта на овој пилот-проект е да се намалат злоупотребите кои неретко се случуваат преку „проштевањето“ на прекршоците на несовесни возачи од разни причини или, пак, да се види дали некој полицаец постапил неправилно. Снимањето со „бодикам“ уреди веќе се применувало кај мобилните единици за сообраќај во Скопје и искуството било позитивно –намалени биле злоупотребите на полицајците и поплаки на граѓаните.

Значи, камерите можат многу да помогнат бидејќи видео-записите се најверодостоен доказ. Заради ова нивната употреба треба да биде што поголема и поредовна. Односно, овој проект што се прави благодарение на донации треба да ја има подобра судбина од камерите кои пред осум години беа поставени на скопските сообраќајници за контролата на сообраќај. Тогаш за сума од еден милион евра беа поставени околу 600 камери кои требаше да служат како за безбедоносни потреби така и за санкционирање на неодговорните возачи. Но, во првите месеци од нивното функционирање се испратија околу 150 предупредувања до возачите кои направиле прекршок и толку. Потоа се испостави дека имало правни пречки нивните снимки да бидат основ за казнување на некој возач.

Сега, камерите си останаа на бандерите, МВР ги користи за одредени безбедоносни случаи, но од нив нема помош за воведување ред во сообраќајот. Заради ова искуство треба да се направи се за да истата судбина не доживеат и камерите кои на рамењета сега ги носат тетовските и скопските полицајци…

Претходна вестНеколкумина полесно повредени во сообраќајка на пет автомобили кај Радовиш
Следна вестМотоциклист повреден во сообраќајка во Велес