ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денеска повторно се судрија, овој пат во Комисијата за избори и именување.
Како точка околу која ги вкрстија копјата беше изборот на тројца уставни судии, кои треба да го заменат тројцата на кои им истече мандатот.
Седницата само што почна, беше прекината, а по неа претседателот на Комисијата Костадин Костадинов од СДСМ и Игор Јанушев од ВМРО-ДПМЕ излегоа во јавноста со свои гледишта за состојбата.
Јанушев вели дека власта сакала на мала врата да ја протне точката за избор на уставни судии.
-Имавме 21 точка дадени во предлог Дневниот ред од кои што за седум точки воопшто не ни беше доставен никаков материјал, а притоа од нас се бараше значи да го гласаме истиот Дневен ред. Кога процедурално реагиравме на таквите забелешки на самата седница, ни беа доставени некакви материјали за кои што нели немавме ни време да ги погледнеме за што станува збор. За три точки меѓу кои и за првата точка, а тоа е утврдување на предлог за нови уставни судии воопшто не беше доставен никаков материјал, па дури ни барањето кое што од Уставниот суд би требало да е пратено до Собранието дека мандатот истечен на толку и толку судии и дека треба толку и толку судии да се бираат. Така што воопшто немаше создадени услови да се работи на седницата, изјави Јанушев.
Верзијата на Костадинов, пак, е дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се обиделе да ја попречат работата на собраниското тело.
-Не може да ги имаме биографиите на уставните судии кога самите замениците или членовите на Комисијата за избори и именувања поднесуваат биографии за нив, даваме пауза, сите пратеници ги имаат на увид биографиите и продолжуваме на одлучување на уставните судии. По одлучувањето, предлогот на одлуката оди на конечно одлучување на пленарна седница, рече Костадинов.
Каков ќе биде исходот од ова не се знае, бидејќи не се знае ни кога седницата на оваа Комисија ќе продолжи.