Караџовски и Филипче не чувствуваат одговорност за растот на бројот на новозаболени

Првиот човек на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски и министерот за здравство Венко Филипче не чувствуваат одговорност за големиот пораст на новозаболените од корона вирусот во Mакедонија. На новинарското прашање дали чувствува лична одговорност и дали освен кај граѓаните одговорноста ја бара и кај себе, Караџовски на денешната конференција за печат одговори дека тој само дава стручни мислења.

-Комисијата за заразни болести е стручно советодавно тело на министерот кое не е поврзано ниту со Влада или некоја политичка партија. Министерот може да не ги прифати тие предлози, а Кризниот штаб може секоја предложена мерка да ја преиначи. Еднаш ние предложивем мерки кои се преиначија. Јас не сум убил никого па да чувствувам одговорност. Одговорноста се чувствува кога ќе се направи кривично дело. Јас сум давал свое стручно мислење. Зошто од мене не се бараше одговорност кога барав вакцинација против епидемијата на морбилите кои потоа ги победивме. Ниту тогаш ниту сега чувствувам одговорност. Во Комисијата сите работиме гратис и со чувство да и помогнеме на државата, потенцира Караџовски.

На прашањето дали ќе поднесе оставка Караџовски и заради тоа што „Форбс“ не прогласи за најнебезбедна земја тој рече дека него во секој момент може да го смени министерот.

-Не знам по кој критериум „Форбс“ не прогласи за небезбедна земја. Доколу тоа се правеше порано и рангирањето ќе беше поинако, потенцира Караџовски.

И министерот Филипче одговори на прашањето дали чувствува одговорност:

-Не, апсолутно не. Сите предложени мерки беа избрани по многу анализи и со многу параметри. Така се правени анализи и проценки за тоа како да се однесуваме натаму. Има секогаш фактор што не може да се предвиди и така беше и во оваа ситуација, одговори министерот.

 

Претходна вестФилипче: Имаме целосен увид во ситуацијата
Следна вестНајави се нижат, ама за реализација мижат- ништо и од проектот од „Водњанска до Чаир за 5 минути“