На црната листа на САД се ставени поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на скопската општина Карпош Стевче Јакимовски. Американскиот Стејт Департмент денеска објави дека нивните постапки го поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси на нивните влади.
-Во нејзиното службено својство на поранешен специјален главен обвинител на Северна Македонија, Јанева беше вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Постојат веродостојни информации кои Јанева ги побарала и примила поткуп за да влијае на обвинителството под нејзина надлежност, истакна Метју Милер, портпаролот на Стејт департментот.
И за Стевче Јакимовски е наведено дека како градоначалник на општина беше вмешан во коруптивни дејствија.
-Во неговото службено својство како градоначалник на општина Карпош, Северна Македонија, Јакимовски беше вмешан во коруптивни дела, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да имаат корист за себе и за неговите соработници, се наведува во образложението.
Одлуката е да им се забрани влез во САД, покрај на назначените и на семејствата на Јакимовски и Јанева.
-Овие назначувања ја потврдуваат посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции на целиот Балкан, стои во соопштението на Стејт Департментот.