Оставањето на кабастиот отпад покрај контејнерите за ѓубре е рак-рана за јавната хигиена во Скопје. Грдите слики на оставени стари шпорети, телевизори, фрижидери, дотраени фотелји… се секојдневие, посебно по деновите на викендите кога граѓаните најчесто вршат чистење и преправки по домовите.
Повремените акции за собирање на ваков отпад кои што ги организираат скопските општини и комуналците се добри, но не го решаваат проблемот. Контејнерите за собирање се поставуваат на неколку дена во текот на кои само мал број на граѓаните имаат потреба за фрлање на непотребни кабасти работи.
Добро е што за таа цел, ЈП „Комунална хигиена“ неодамна воведе нова услуга за подигање на кабаст отпад внатре и надвор од домовите на граѓаните. Потребно е граѓаните кои имаат потреба да фрлат нешто да се јават на бесплатниот телефон 0800 222 33 по што кај нив ќе дојде екипа на комуналното претпријатие за да го собере. Сето ова има и своја цена, која според скопјани е висока.
-Се јавив на бесплатниот телефон и ми ги кажаа овие цени – за да го преземат отпадот од мојот дом ќе чини 2.800 денари, а ако самата го спуштам пред зграда ќе ме чини 1.600 денари само за да го однесат до депонијата. Мислам дека ова е прескапа цена. Малку од граѓаните можат да плата толку пари. На ваков начин Скопје никогаш нема да биде чисто и без фрлени фотелји, троседи, душеци покрај контејнерите. Цената, ако веќе се определува, треба да биде пристапна за граѓаните, вели скопјанката Соња Ајановска – Деловска за „Скопско ехо“.
Со оваа се согласуваат и другите граѓани во своите коментари на социјалните мрежи.
-За толку пари ќе купам солидно парче на мебел за својот дом. Граѓаните пак ќе продолжат да фрлат покрај контејнерите оти тоа им е најлесно бидејќи никој не ги казнува, смета еден скопјанец.
Еден жител на Прилеп наведе пример дека во тој град комуналците воопшто не ја наплатуваат ваквата услуга туку доаѓаат во договорениот термин и го земаат отпадот.
Зошто така не се прави и во Скопје, посебно е прашање. Но, наредниот период сигурно ќе покаже дали овој рецепт ќе помогне да го снема кабастиот отпад покрај контејнерите. И по овој викенд можеше да се види дека навиката си продолжува…