Претходната недела Скопје имаше проблем со многу паднати дрвја поради влажниот, а обилен снег. Најтешко беше во населбата Железара каде паднато дрво предизвикало спој во трафо–станица кој беше проследен со силна експлозија што ги вознемири жителите. За среќа, во инцидентот немало повредени лица.
Дрвја паѓаа врз автомобили во Аеродром, Кисела Вода, Центар… но и тоа не беше сета мака… Веќе од утредента дуваше и силен ветер што соборуваше гранки на постари или исушени дрва низ Скопје.
Дали откако помина невремето, Град Скопје се заангажира доволно за ваквите инциденти да се одбегнат во иднина? Тоа е можно со благовремени контроли на стеблата насадени во урбаните делови од градот. Потребна е темелна проверка на ризичните дрвја и нивното доведување во состојба со која нема да бидат опасни по околината.
Дали надлежните во градот ќе го направат ова останува да се види. Ако се спори како што се при проверка и поправка на дупките по скопските улици, тогаш и следниот снег и ветер ќе бидат опасни и ќе гледаме паднати дрвја околу нас.
Можеби ќе може да помогне дронот за кој градските власти неодамна склучија договор со фирмата во сопственост на партнерот на министерката за образование Мила Царовска. Беше кажано дека со дронот ќе се прави висинско набљудување на шумски површини во скопската котлина за рана детекција на растителни болести. За цената од еден милион денари можеби може да открие и дваесетина – триесет дрвја кои се кршливи.
Ајде летајте го дронот! Но, за секој случај тргнете и пеш на терен и за тоа сте скапо платени од страна на скопјани.