Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ очекува дека за многу кусо време ќе соберат 150 илјади потписи за да може да почне процедурата за референдумско изјаснување против наметнатата дигитализација на учебниците. Во меѓувреме, се очекува одговор од министерката за образование: дали ќе ја послуша волјата на 150 илјади граѓани или ќе остане на сопствениот цврст став и ќе ја спроведе т.н. образовна реформа.
Царовска не се изјаснила јавно откако граѓанската иницијатива демонстрираше решителност во намерата да ги собере потребните потписи. Нејзината последна порака е дека зад протестите на родителите и наставниците стои политичка партија, односно опозицијата. Царовска уверува дека нејзините реформи ги поддржуваат експерти и родители, иако оние кои се „за“ се бројат на прсти и се истите луѓе кои ја аминуваа т.н. Национална платформа за учење на далечина. Последната, патем, никогаш не профункционира.
Координаторката на граѓанската иницијатива, Драгана Спасевска пред два дена соопшти дека во обидите да се спречи исфорсираната реформа се обратиле и до претседателот Стево Пендаровски и до премиерот Зоран Заев. Никогаш, ниту од едната ниту од другата страна не добиле повратен одговор или покана за средба.
Затоа, пак претседателот Пендаровски оцени дека е важно да прими претставници на штедачите од пропадната „Еуростандард банка“, но не му е важно да разговара за проблемите на еден од најважните сектори во државата – образованието. А, како што стојат сега работите, бидејќи врие од незадоволство околу образовниот сектор, се почесто се споменува веројатноста дека на 1 септември наместо почеток на школската година да почне масовен бојкот на наствата.