Секако на крајот ги следиме сите европски одлуки и регулативи, затоа што сакаме и да бидеме членка на ЕУ.
Ваква изјава даде денеска премиерот Зоран Заев кој во друштво со евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир во Струмица ја отвори Европската куќа.
-Кај нас дебатата за правото на граѓаните доколку сакаат на својата лична карта да стои и етничка припадност е отворена, а како земја – кандидат за членство во ЕУ императив е усогласување на домашното законодавство со европската регулатива, изјави денеска Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали вметнувањето на етничката припадност во личните карти е спротивно на европското законодавство.
За разлика од денеска, тој вчера рече дека впишувањето на етничката припадност во личната карта не се коси со ниту една регулатива и досега не добиле забелешка од ниту еден амбасадор, како што тврдеше лидерот на ВМРО-ДППМНЕ Мицкоски.
Евроамбасадорот Гир, пак, ја повтори вчерашната изјава дека релевантната легислатива за тоа спаѓа во делот на Општата регулатива за заштита на податоците – ГДПР, која стапува на сила во август и според која етничката и религиозна припадност, како и други елементи се забранети.
Тој потсети дека со почеток на преговорите, фокусот ќе биде на сите детали во усогласувањето на националното законодавство со правилата и стандардните на ЕУ и ќе биде особено важно двете законодавства да бидат хармонизирани.