Многу објаснувања Филипче треба да даде околу вакцинираните, невакцинираните, вирусот…

Нови мерки најави министерот Филипче кои се однесуваат само за невакцинираните граѓани на Македонија кои работат во државни и општински фирми и администрација. За синдикатите тие постапки се неуставни и најавија протести ако Владата ги прифати. Но, до тогаш Филипче должи објаснувања. Сеопфатна анализа за состојбата со ковид-заразените, бројки на нови случаи секој ден, починати исто така, причинско – последична врска на евентуалните нивни хронични и други типови заболувања, вакцините и нивниот ефект – ова го вети уште пред неколку месеци министерот Венко Филипче. Но, тоа не се направи. Новинари во септември го потсетија на ветената анализа, но министерот само уште еднаш даде најава и повеќе се бавеше со локални избори.

Поминаа речиси 2 години откако сме во пандемија, анализата ја нема. Објаснување зошто, не дава никој, а никој и не понесува одговорност што не е направена. Статистиката, пак, е секојдневна и многу едноставна за следење. Особено бројките на новозаразени, со посебен акцент на делот: колку вакцинирани и колку невакцинирани се реинфицираат од ковид 19. Дали тука соодносот е многу зачудувачки во полза на невакцинираните кои претходно прележале корона?

Излегуваат податоци дека процентот на повторно заразени, а вакцинирани со две дози е околу 30 отсто, додека десеттина пати помалку се заразуваат лица кои не се вакцинирани, туку имаат природен имунитет бидејќи претходно биле инфицирани. Ова од министерството или Комисијата треба да го коментираат, објаснат. Треба и да објаснат: дали човек кој има антитела, а не е вакциниран ќе може да оди на работа без тестови, вакцина? Дали вакцинираните го пренесуваат вирусот? Дали…

Не треба човек да биде доктор за да ја согледа статистиката, но чудно е зошто токму првите лекари во државава како да замижуваат пред процентите. Последните мерки што ги предложи комисијата за заразни болести никој не објасни врз основа на што ги донела. Пред извесно време Филипче тврдеше дека ситуацијата со ковид е под контрола и нема потреба за нови рестрикции, за брзо по изборите да излезат најновите ограничувања што дополнително ги разгневија граѓаните.

Најавените мерки се драконски за голем дел од населението, затоа мора да има барем детално образложување дека ете тоа ќе биде спасот од пандемијата. Порано се велеше дека дистанцата и маските се спасот, зошто сега никој не ги споменува?

 

Претходна вестДелови од Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Следна вестСо концерт во Филхармонија на Македонија вечерва се одбележуваат два значајни јубилеи