Во се’ уште владеачката СДСМ навидум е мирно. Од штабот излегуваат само соопштенија, ги нема видните членови на партијата како порано да ги преполнуваат просторите во медиумите. Но дали е мирно внатре во централниот штаб?
По дебаклот на изборите партискиот лидер и премиер Зоран Заев усно најави оставка. Потоа главниот опонент ВМРО-ДПМНЕ презентира дека има ново парламентарно мнозинство. Овие две работи сигурно ја дрмаат партијата која минативе 4 години палеше и жареше во Македонија.
Од СДСМ стасуваат информации дека целото раководство на партијата е под оставка. Но, уверуваат дека брзо ќе се консолидираат и ќе ја водат Македонија кон подобро.
Сепак, можно ли е по ваквите случувања да се ситни големата парламентарна група на оваа партија?
Арбен Таравари, генералниот секретар на Алијансата на Албанците, тврди дека се преговара со неколку пратеници на СДСМ да преминат во новото парламентарно мнозинство.
-Во наредните денови очекуваме мнозинството од 61 пратеник да порасне до 64-65 пратеници. Преговараме со неколку пратеници. Меѓу нив има и членови на СДСМ кои се незадоволни од криминалното владеење на СДСМ и на ДУИ, вели тој.
Дали некој социјалдемократ ќе смени дрес ќе се види наскоро. Но веќе се гледа дека има многу социјалдемократи кои се незадоволни од состојбата во партијата.
Кој се е виновен за тешкиот пораз, кој треба да си замине од партијата? Овие прашања ги мачат деновиве членовите на СДСМ. Почнаа да се споменуваат и суети, групирања…
Поранешниот партиски лидер и премиер Владо Бучковски истакна дека дебаклот на социјалдемократите е врзан за опструкциите кои ги правел порашениот неприкосновен партиски шеф, премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски.
– Неколку групации покажуваат амбиции за преземање на водството во СДСМ по заминувањето на Зоран Заев, а меѓу нив е и Бранко Црвенковски. Бранко не крие дека има амбиции и јас во 2006 година се соочив со суетата на Црвенковски. Не случајно некои членови од СДСМ останаа дома, кажа Бучковски во емисијата „Клик Плус“.
Во ноември минатата година, по скандалозното интервју на Заев за бугарскиот медиум „Бгнес“ Црвенковски соопшти дека ставовите на Заев предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Тој соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ се додека партијата не се огради од ваквите ставови. Неодамна, пак, на собирот во МАНУ Црвенковски рече дека „Македонија е корумпирана држава, нема еднакавост пред законот, нема правда, нема доверба во судството…“.
Дали главниот проблем во СДСМ е Црвенковски? Дали можеби проблемот е сегашниот лидер и неговото работење? Дали можеби изборите беа местото каде му покажаа на Заев дека не е се така розево во СДСМ и во Македонија? Дали така мисли и по некој пратеник од оваа партија и затоа е подготвен да си замине?
Брзо ќе стигнат одговорите.