Денеска е последниот рок до кога газдите на фирмите кои добија помош за ковид-кризата, а не им исплатија на вработените – тоа да го сторат веднаш. Пред само неколку дена тоа беа 518 фирми – бројка што доволно зборува дека во општеството нема контрола и санкции штом сопствениците си дозволиле да злоупотребуваат. Трагична е информацијата дека кога ги земаа државните пари само 33 биле совесни и исплатиле. Според последните информации, откако државата им даде шанса пред да ги санкционира и го пролонгираше рокот, останати се уште 160 компании кои не им дале ни денар на вработените.
Прашањето е дали ќе го направат тоа денеска? Односно, уште подиректното прашање е дали ќе одговараат ако не исплатат денеска? Експертите веќе објаснија дека според Кривичен законик казниво е со затвор ваков тип на повреда на правата што произлегуваат од работниот однос. Вработените во конкретните фирми – досега неплаќачи – се песимисти. Сепак се плашат ако зборуваат јавно дека ќе имаат последици.
– Не само сега,плата ни немаат дадено редовно околу 7 месеци, одвај земаме. На овие сега, во ковид-кризата не се ни надеваме, пишува вработен во фирмата која е меѓу изведувачите на патот Кичево-Охрид, а според податоците од институциите има земено најголема помош од државата. Медиумите излегоа со жестоки критики, но од фирмата до овој момент нема никаква реакција.
– Кој одговарал во оваа држава што прекршил или повредил право на работник?! Веројатно 0,01 процент од газдите… Каде има сила нема правдина, ова е од пусто турско и уште ни остана, затоа државата се празни, а младите си одат, коментираат граѓаните во очекување на денешните вести од надлежните институции за тоа дали проработела совесноста на компаниите.