Ќе се изгласа ли денес законот за попис, што стана со повикот за компромис од Пендаровски?

Собранието денеска треба да одржи продолжение на 29. седница, на која се очекува да се гласа за Предлог законот за попис на населението, домаќинства и становите во Македонија, 2021, по скратена постапка.

Расправата за Предлог законот во Собранието, со кој треба да се овозможи во државава да се спроведе попис по 19 години, заврши на 15 јануари. Но, тогаш владејачкото мнозинство немаше доволен број на пратеници потребни да се изгласа ова законско решение. Беше најавено дека за законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.

Освен владејачката коалиција поддршка за законот најавија и од албанската опозиција, Алијансата за Албанците и Алтернатива, а против законот е опозициската ВМРО-ДПМНЕ која најави дека ќе бара негово поништување преку собирање граѓански потписи.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека СДСМ и другите коалициски партнери, вклучувајќи ја и ДУИ, остануваат целосно посветени на успешно спроведување на пописот. Се надева дека многу скоро во Собранието ќе биде донесен Законот за попис, а однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го окарактеризира како смешно, неодговорно и неразумно.

Од друга страна, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМЕ смета дека власта турка насилен и криминален попис што може да резултира единствено со фалсификувани резултати.

Шефот на државата Стево Пендаровски во неодамнешното интервју за МИА рече дека конструктивни предлози на опозицијата би требало да бидат прифатени.

-Разбирам, легитимна е битката за власт, легитимна е битката за подобри политики, легитимна е политиката на опозицијата да ја критикува власта, иако не мислам дека кабаетот овде е само сто процентно на едната страна опозициона, но би сакал да ги видам конструктивните предлози на опозицијата во однос на пописот да бидат прифатени. Зошто да не, рече претседателот на државата.

Но дали повиците на Пендаровски за компромис се слушнати? Тој како и премиерот Заев често повикуваат на општо заедништво и помирување во Македонија, но можно ли е тоа без компромиси, а само со терање на својата замисла?

Претходна вестПромени во ракометната репрезентацијата требаше да направиме пред 5 – 6 години
Следна вестМинистерство за здравство: Состојбата со вирусот бележи стабилизација