Ким Џонг-Ун пристигна во Русија, Путин вели дека Русија развива ново оружје

Ким Џонг-Ун, лидерот на Северна Кореја, допатува во Русија на самит со претседателот Владимир Путин, објави „Гардијан“. Претходно на Самитот говореше рускиот претседател Владимир Путин кој изјави дека Русија развива ново оружје.

Оклопниот воз на Ким пристигна на станицата Хасан, главната железничка станица што се поврзува со рускиот далечен исток од Северна Кореја, објави јапонската новинска агенција Кјодо, цитирајќи неименуван руски официјален извор.

Се очекува средбата да се одржи денеска попладне на маргините на Источниот економски форум во рускиот пристанишен град Владивосток, каде Путин веќе пристигна.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков ги отфрли американските извештаи дека на состанокот ќе се разговара за склучување договор за снабдување со оружје.

– Како што знаете, додека ги негуваме односите со нашите соседи, вклучително и со Северна Кореја, интересите на нашите две земји ни се важни, а не предупредувањата на Вашингтон, рече тој.

Последната посета на Ким беше на Владивосток во 2019 година, на првиот самит со Путин, откако пропаднаа преговорите со поранешниот американски претседател Доналд Трамп за откажувањето на Северна Кореја од нејзината нуклеарна програма.

Претходно претседателот на Русија, Владимир Путин, во денешниот говор на Источниот економски форум што се одржува во Владивосток, најави дека Москва развива ново оружје.

– Русија развива оружје со ласерски, ултразвучни и радиофреквентни способности, истакна Путин.

Тој во говорот повторно го нападна Западот, обвинувајќи го за „уништување на системот на трговски и финансиски односи“.

Претходна вестВучиќ и Рама се кусогледи или Ковачевски и Пендаровски носат розеви очила?
Следна вестУбиени 6 лица во Грција, се претпоставува дека е мафијашка пресметка