Македонските министри сосе премиерот Димитар Ковачевски упорно повторуваат дека Македонија ќе влезе во ЕУ до 2030 година. Дадоа тие датум и сега само за тоа верглаат. Ама реален е датумов или ќе биде сета работа како и со датумите кои цела деценија ни ги дава ЕУ?
Македонската јавност е се поскептична и не верува во датумов на кој ќе сме добиле датум по кој, што би рекол еден евробирократ – „би излегле од џунглата и ќе влеземе во рајската градина“.
Не им се верува дека датумов е реален и на лидери на држави од регионот. Неодамна во Словенија албанскиот премиер Еди Рама недвосмислено кажа:
–Не верувам дека во 2030 година ќе бидеме во ЕУ, рече Рама.
Тој дури беше и ироничен кога додаде дека ако се земе како основа за членство во ЕУ која земја е во војна, тогаш, според него, сите земји од Западен Балкан би се нападнале меѓусебно, само за да станат дел од унијата.
– Гледајќи го конфликтот во Украина и нејзиниот забрзан пат кон ЕУ, се прашувам: кој кого треба да напаѓа на овој панел за побрзо да влезе во Унијата, како што тоа го направи Украина? И така ќе бидеме подготвени да влеземе заедно со Украина, рече Рама.
Но, македонскиот премиер Димитар Ковачевски во таа прилика побрза да каже дека е многу пооптимист од Еди Рама и дека е цврсто убеден дека во 2030-та година ќе се случи проширувањето.
-Уверен сум дека С. Македонија покажа оти може да носи тешки и храбри одлуки и по секоја од нив излеговме како посилна земја. Од старите земји кандидатки, сме најдобри во многу аспекти во смисла на имплементирањето на европското законодавство, микро финансиската стабилност што е докажано од ЕУ и инструментите на ЕУ. Затоа велам дека 2030 е остварлива како цел, рече Ковачевски на панелот.
Оптимизмот како да провејуваше и на вчера завршениот собир во Скопје Брдо – Бриони на кој учествуваа претседателите на државите од повеќе земји во регионот на Западен Балкан. Во заедничката декларација 2030 е „зацртана како годината, од која не подоцна би се случило следното проширување на Европската унија“.
Но, не и сите се убедени. Српскиот претседател Александар Вучиќ сепак изрази скептицизам за тој временски рок.
– Некои мислат дека би требало да влеземе во ЕУ во 2026 година, јас на тоа само се насмевнувам. Не им паѓа на памет (да нè примаат), можеме да се превртиме наопаку, нема да нè примаат ни во 2026, ни во 2027, ни во 2028 година. Во декларацијата пишува членство во ЕУ што побрзо, а најдоцна до 2030. Тоа се убави желби, но кој сум јас да ја намалувам амбицијата и оптимизмот на другите. Супер ако биде така, но дали ќе биде, не сум сигурен, кажа Вучиќ.
За разлика од него, македонскиот претседател Стево Пендаровски, пак, се покажа како оптимист.
Зошто Рама и Вучиќ се песимисти? Не можат да видат далеку колку што гледаат Ковачевски и Пендаровски? Или пак нашиве ставиле розеви очила?