Ќе има налепници или само налепија ветувања: Што бидна со ултиматумот да се сменат регистарските таблички?

Ќе има ли налепници наместо ултимативно менување на регистарските таблички за да се воведе ознаката НМК? Граѓаните ќе треба да плаќаат и до 1.500 денари за нови наблици кои МВР нареди да се ставаат на возилата или таа контраверзна одлука ќе се смени?

На ваквото прашање се уште нема одговори иако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред десет дена најави дека е можно да се воведат поевтини налепници. Тој првин на 27 март за Радиото Слободна Европа рече дека веќе е формирана работна група којашто треба да предложи конретно решение.

-Мора да направиме една комбинација која ќе биде од интерес на граѓаните, меѓутоа да имаме и сериозно одговорност, изјави тогаш.

Граѓаните преку социјалните мрежи веднаш реагираа:

-Конечно им текна дека првичниот ултиматум е нелогичен и прескап, а и прави многу проблеми со папирологија, беше една од многуте слични реакции.

По два дена во гостување на Македонската телевизија министерот рече дека наоѓањето на решението е во напредна фаза.

-Како МВР сметаме дека едно од решенијата е да се стават налепници. Со налепници практично без некаков трошок или многу мал трошок, да се задоволи тој законски момент, рече тогаш министерот Спасовски.

Но, еве, поминаа бааги денови ама предлог на решението со кое би се вовеле налепниците со ознаката НМК се уште го нема. Што ли за министерот значи дека „работите се во напредна фаза“, дека за една налепница ќе одлучуваат со месеци? А што до тогаш да прават граѓаните на кои им тече рокот за нова регистрација?

Да, сигурно дека одлуката треба да биде аргументирана и применлива во пракса, но тоа не значи дека треба и многу да се чека на неа и дека треба да се побрза со решението. Со одолговлекувањето само се создаваат проблеми за граѓаните. А во најнезавидна ситуација се оние граѓани на кои токму деновиве им истекува регистрацијата на возилата и коишто треба пак да ги регистрираат возилата.

-Пред три дена ми истече регистрацијата, а јас не знаев што да правам: дали да чекам одлука за налепниците и да возам со ознаката МК или да земам нова регистрација со НМК? Ако возам нерегистрриана кола ќе ме казни полицијата. Решив да платам 1.400 денари и земав табличка со НМК. И сега, ако воведат налепници ќе значи дека бадијала сум платил 1.400 денари и сум еден вид оштетен поради спороста на власта, ни рече еден граѓанин од скопската општина Аеродром.

Инаку, повеќе од месец дена трае големото незадоволството на граѓаните откако од МВР пристигна ултиматум дека до февруари идната година сите кои имаат на возилата регистарски таблички со ознака „МК“ мора на свој трошок да ги заменат за нови скапи таблици. Цело време граѓаните преку социјалните мрежи цел месец посочуваат дека промената на таблиците е непотребна и омаловажувачка, а ако власта решила да угодува на странци и ако веќе мора да се тргне „МК“ и замени со „НМК“ зошто тоа не се прави со една налепница што е далеку поедноставно и поевтино. Реагираа и транспортните организации кои имаат многу возила и би имале многу проблеми при смена на таблиците. Се појавија и петиции со кои се укажува дека ниту во самиот Преспански договор со Грција ја нема обврската да се менуваат комплетни регистерски таблички.

Според член 3 алинеа Д од Преспанскиот договор, треба да се симни само ознаката на регистарските таблици и да биде „НМ“ или „НМК“. Никаде не пишува дека треба да се сменат таблиците, се потенцира во објавата. Стоп за непотребното ограбување на граѓаните, се наведува во објавата која кружи по социјалните мрежи.

 

Претходна вестСудењето против Трамп закажано два месеци пред изборите, тој вели: Америка оди по ѓаволите
Следна вестЕскалација на судирите, израелската полиција упадна во џамијата Ал Акса