Најдобри кога е најпотребно: Македонските ракометари изборија учество на Светското првенство 2025

Македонската ракометна репрезентација синоќа го совладаа Фарски Острови со 34:26 и се пласираа на Светското првенство следната година.Разликата од осум голови беше доволна да се анулираат седумте негатива од првиот дуел од барашот за СП одигран во средата на гостински терен кој Фараните го добија со 34:27.

Селекторот Кирил Лазаров постави извонредна игра, како во нападот, така и во одбраната. Македонците покажаа голема борбеност, беа агресивни во дуелите, играа трпеливо во нападот и на крајот заслужија мундијалски билет.

По првите 30 минути Македонија водеше со 19:15, во 37. минута ги имаше посакуваните +7, а во неколку наврати водеше и со девет разлика.

Жарко Пешевски со осум погодоци беше најефикасен во победничкиот состав. Се истакнаа и Филип Кузмановски со седум, Марко Митев со шест и Мартин Серафимов со пет погодоци.

За „Црвено-жолтите“ следното Светско првенство ќе биде деветти, по 17 пат ќе играат на голем ракометен настан, а задржан е и континуитетот на учество на големите натпреварувања кој трае од 2012 година.

По натпреварот макеоднскиот селектор Кирил Лазаров изјави дека ова е еден од посреќните денови во неговиот живот.

-Јас сакам да се заблагодарам на сите кои веруваа дека овие момци може да направат пресврт и подвиг. Сакам да се заблагодарам на публиката која покрај лошиот резултат на гости дојде дома да не бодри по којзнае кој пат. Пресреќен сум што може да кажам дека го одигравме најдобриот натпревар. Тотална контрола на играта, без судиска поддршка во текот на целите 60 минути. Добивме една квалитетна репрезентација за која кажав во повеќе наврати уште со која пред да играме дека е добра, а многумина ми ја сфаќаа изјавата како алиби за евентуален неуспех. Може да бидам слаб и да изгубам, но тоа да го поднесам стоејќи, па да тргнам и да продолжам понатаму. Се вративме од многу лош резултат, прифаќам дека бевме слаби, но имаше и други фактори кои придонесоа да бидеме уште послаби. Ова е голема работа за македонскиот ракомет, затоа што ќе биде првпат оваа нова генерација без старите играчи преку бараж да се пласира за СП 2025. Едно е квалификации, друго е бараж. Имаме големо срце. Никогаш не сум бил алиби-играч, нема да бидам ни алиби-тренер. Ова е еден од посреќните денови во мојот живот и со мојата Македонија, рече селекторот.

 

 

Претходна вестГрчко МНР: Европскиот пат на Северна Македонија и односите со Грција зависат од спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име
Следна вестВремето денеска променливо облачно со температури до 26 степени