Нови гужви, нови колони возила, загубено време, нервози… утрово повторно им се случуваа на жителите од Аеродром кои со коли одеа кон центарот на градот. Главните булевари „Јане Сандански“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ одновои беа закрчени со возилата кои не можеа да се движат нормално. Причина повторно е реконструкцијата на булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“ во делот кај Народната банка.
Но, утрово имаше и дополнителна причина бидејќи започнаа подготвителни работи за асфалтирањето на коловозот. Се разбира, градските власти и претпријатието кое ги изведува работите за тоа го одбраа утринскиот шпиц кога најголем број на возила од Аеродром и Ново Лисиче се движат кон центарот на градот!? Се чини, доколку работите започнаа некој час подоцна метежот ќе беше значително помал.
Заради ова, многубројните возила мораа да одат по само една лента на делот од булеварот кој од центар води кон Аеродром. Со тоа движењето на автомобилите беше многу бавно а гужвата и чекањето уште подолги отколку во изминативе денови кога беше можно возилата да се движат по раскопаната сообраќајница.
Меѓутоа, основно прашање е зошто реконструкцијата на овој булевар мораше да се врши токму во овој зимски период кога гужвите се големи? По страна на блокадите со приватните автобуси, на овие сообраќајници во утринските часови секогаш има гужва. Реконструкцијата сега само уште повеќе ги зголеми. Градските власти на ова одговараа дека „секој период е погоден за вакви реконструкции“. Но, лошото искуство на граѓаните покажува дека не секој период е време за гребење на асфалт што подоцна им се продава како голема градежна офанзива во градот. Да беше така, ваквите потфати и досега ќе се правеа во зимските периоди. Но, сепак, искуствата покажуваат дека тоа е најдобро да се прави во текот на летните месеци кога има намалена фреквенција на сообраќајот и кога асфалтирањето се прави поквалитетно.