Ќе напише ли ново соопштение Владата за вчерашните закани на Џафери?

Ќе продолжат ли тензиите во парламентот и денеска? И понатаму народните избраници ќе расправаат за францускиот предлог кој дава „датум“ за преговори, но и дава многу датуми на Бугарија кога ќе може да и наредува што ќе посака на Македонија. Пратениците кои ја подржуваат Владата два дена во расправата покажуваат дека предлогот стигнат од Париз за нив е прифатлив, додека за опозицијата пак таквата постапка би била најголемо предавство, особено стравувајќи и од протоколот кој министрите упорно го кријат.

Сетоа тоа деновиве носеше расправии, навреди, клетви, па дури и имаше ситуации на работ на физички пресметки во собраниската сала.

За Владата (која и го фрли врелиот костен – предлогот во Собранието) ова однесување е недозволиво и како што нагласува –  јавно ги осудува крајно нецивилизираните напади и навредите искажани во парламентот.

-Најостро го осудуваме говорот на омраза којшто деновиве опозицијата упорно го шири и се обидува да го наметне во јавноста од собраниската говорница, но и од блокадите и протестите на улица, соопшти владината прес-служба.

Но, наместо смирување, во нов инцидент учествуваше и спикерот Талат Џафери. Се почна со тоа што пратеникот Димитар Апасиев излезен на собраниската говорница му укажа на претседавачот:

– Претседателе Џафери, прв и последен пат да ви биде со прст да ме карате оти јас не сум ви дојден дома. Вие сте тука прв меѓу еднаквите и како таков не треба да го узурпирате столчето на коешто седите. Ако имате реплика кон некој пратеник, тогаш ќе си земете реплика, ќе си притиснете на копчето и ќе си кажете што мислите.

Џафери реплицираше:

– Ај зборувај ако зборуваш и не ми мафтај со раката. Не мафтај со прстот оти може тој прст да ти биде скршен, се закани Џафери.

Сега останува да се види дали Владата ќе напише ново сопштение. Како ли гледа на заканата на Џафери, таа цивилизирана е?

Инаку, за однесувањето на Џафери во последно време има повеќе забелешки од опозициските пратеници околу начинот на водење на седниците, па кога ги заклучи пратениците во салата, а особено кога навредуваше вработени во Собранието за што се појавија и ТВ снимки. Од друга страна мнозинството на пратеници сака токму Џафери да им биде претседател.

Претходна вестМарихуана вредна половина милион евра запленета во Кочани
Следна вестСобранието денеска завршува со расправата, ќе се усвојат ли заклучоците?