На тој 12-ти септември 1942 година беа опколени од сите страни од бугарската окупаторска војска и полиција во месноста Долец кај ресенското село Болно. Немаше надеж дека ќе можат да го пробијат обрачот. Тогаш се решија на херојски чин: и двајцата со бомба сами си ги одзедоа животите за да не им паднат живи во раце на окупаторите. Така заврши борбениот пат на двајца истакнати македонски револуционери Стефан Наумов – Стив и Димитар Богоевски – Мите, кои уште пред Втората светска војна решија да и се посветат на борбата на македонскиот народ за слобода.
Но, приказната за двајцата херои не завршува тој 12-ти септември. Бугарската војска потоа ги изложила нивните тела во селото заради препознавање и ги фотографирала. Потоа двајцата биле закопани во една корија во близина на селото, но бидејќи локалното население започнало да ги посетува и чествува гробовите, телата биле откопани и однесени во непозната насока. Според сознанијата, однесени биле кај селото Ѓавато, каде се претпоставува дека ги запалиле со бензин. Нивните гробови до денес не е познато каде се наоѓаат, ниту што точно било направено со нивните тела.
Се друго, за нив е добро познато. Стив Наумов е роден на 27 октомври 1920 година во Битола, во печалбарско семејство, а по завршувањето гимназија во родниот град во 1938 година се запишува на Техничкиот факултет во Белград, каде пристапува на напредното работничко движење. Во 1939 година станува член на КПЈ, а по враќањето во Битола, во 1940 година, бил избран за секретар на Месниот комитет за Битола. Во април 1942 година, Стив учествувал во формирањето на Битолскиот партизански одред “Пелистер”. На 6 мај истата година, извршил атентат врз озлогласениот бугарски полициски началник, Ќурчиев. Заради своите револуционерни активности, прераснал во легендарна личност. За народен херој е прогласен на 29 јуни 1945 година.
Димитар Богоевски – Мите е роден на 31 октомври 1918 година во с. Болно, Ресенско. Основно училиште завршува во родното место, а Трговска гимназија во Битола. Се запишал и на Економскиот факултет во Белград, но заради лошата материјална ситуација, ги прекинал студиите и се вратил во родниот крај. Во 1939 година станува член на КПЈ, а подоцна и секретар на партијата во Ресен. Заради својата револуционерна дејност, во 1940 година е затворен во Белград, а во 1942 е уапсен и измачуван од бугарската полиција во Ресен. Потоа, учествува во формирањето на партизанскиот одред “Даме Груев”. Прогласен е за народен херој на 2 август 1949 г.
По завршувањето на војната, на партизанските гробишта во Битола е подигнат гроб на Стив Наумов, кој и до денес е празен.
Што се случило со телата на двајцата револуционери е енигма која трае и денеска. Минатата година кога бугарската потпретседателка Илиана Јотова најави дека во номеври ќе ја посети Битола спроти денот на ослободувањето на градот, битолските борци и порачаа да го посети и селото Болно за да каже каде се гробовите на народните херои Мите Богоевски и Стив Наумов. Но, тоа прашање и порака останаа без одговор иако е јасно дека во бугарските воени и полициски архиви некои траги за ова злосторство мора да постојат.