Ќе покрене ли истражна постапка Јавното обвинителство за хаосот со личните документи?

Голем дел од македонските граѓани, повеќе од 600.000, кои се уште немаат патни исправи со омилениот збор на власта – „Северна“, од денеска се во државен притвор. Не можат да патуваат надвор од Македонија.

Пресудата за ваквиот притвор е од највисоките државни органи. Ама луѓето биле болни и одат на лекување во странство, ама имале закажани работни обврски, ама имале роднини со странство… сето тоа се става на страна и мора да почека – „наредба од горе стигна“.

Власта со ултимативниот датум и со лошата организација ги скрши основните права на луѓето загарантирани со Уставот и со меѓународни конвенции – слобода на движење. Кој за ова ќе одговара пред судовите?

Се издавале патните исправи и други документи со претходното име на државата во периодот кога мораше да се издаваат оние со новото име, се тврдеше дека и тие документи ќе важат и по 12 февруари 2024 година, не се организираа акции за поголемо менување на документите, не се воведуваа повеќе термини за закажувања, не се отвораа нови и нови пунктови, се доведоа луѓето во заблуда…

Се случува, практично, драстично кршење на човекови и граѓански права. Ќе одговара ли некој за тоа, може ли одговорноста да биде конкретизирана? Според правните експерти, може и треба да се утврди одговорноста.

Пензионираниот професор по административно право Трајче Давитковски вчера изјави дека оној што нарачувал обрасци за лични документи во 2019 година со старото уставно име, веднаш треба да биде повикан во обвинителството да даде отчет.

– Според мене, јавниот обвинител уште денеска треба да го повика оној кој што во 2019 година нарачувал стари обрасци кои што беа во употреба до 2021 година. И сега на крај, тогаш кога се велеше дека ќе продолжат да важат, а се знаеше дека нема да важат, бидејќи тоа е меѓународен договор, тој треба да биде повикан од јавниот обвинител и да даде отчет, бидејќи на овој начин се кршат многу уставно загарантирани права на граѓаните, смета тој.

И поранешниот судија и сегашен адвокат Владимир Туфегџиќ смета дека одговорност мора да има.

Одговорност мора да има од едноставна причина што во изминатите 5 години при издавањето на лични документи со стариот формат надлежниот орган на управата не превземал ниту едно дејствие со цел навремено известување на граѓанинот дека рокот на важност на стариот формат истекува на 12.02.2024 година. Тоа бил во обврска да го направи со запишување на рокот на важност до 12.02.2024 година во самиот документ или при издавањето на документот истовремено да му достави писмено укажување за крајниот рок на важност. Доколку се постапело на овој начин денеска состојбата на работите ќе беше поинаква, а странката ќе се сметало дека е навремено известена. Во секој случај штетата е направена и одговорноста е на менаџерскиот тим во МВР и затоа на потег е ОЈО за ГОКК во чија надлежност е постапувањето на полициските службеници, бара овој адвокат.

И неговиот колега Јанаки Митровски смета дека се нарушени правата на граѓаните на слободно движење и дека има основ граѓаните да покренат тужби.

На утврдување на одговорноста повикуваше и Народниот правобранител Насер Зибери уште во 2021 година, кога беше јасно дека се случува застојот во издавањето на личните документи.  

-Владата е одговорна за хаосот со издавањето на личните документи на граѓаните затоа што направила повеќе пропусти и не обезбедила навреме услови за замена на личните карти, пасошите и возачките дозволи, кои согласно со Преспанскиот договор требаше да бидат сменети до 12 февруари 2024 година, потенцираше Зибери повеќе пати.

И најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ споменува потреба од истрага, а и најавува тужба.

-Спасовски и власта на СДС не обезбедиле ниту соодветни услови, обрасци и услови за навремено печатење на доволен број документи, со што го ставиле  народот во позиција да не може да извади документи и со тоа му предизвикуваат материјална и нематеријална штета. Згора на се, граѓаните се изложени на непотребни финансиски трошоци да вадат нови патни исправи при веќе постоечки и важечки. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе пријава за Оливер Спасовски за несовесната работа и тужба со цел обештетување на граѓаните за финансиските импликации предизвикани од оваа власт, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сите овие повици за уврдување на одговорноста имаат иста адреса – Јавно обвинителство. На потег, бездруго, сега треба да биде овој орган кој треба да утврди кој се е одговорен за настанатиот хаос, за проблемите, за понижувањата и нарушените права на граѓаните. ЈО не треба да стои по страна, туку да отвори предмет со цел да се утврдат сите факти и направените пропусти во МВР, во Владата, во…

Така е во правни држави. Таму не се замачкуваат вакви афери со задоцнето нудење на бесплатни возачки дозволи или со министерски објаснувања дека те народот сам е виновен, те ковид криза имало, те други се одговорни, те…

Претходна вестКавадарчанец загина на автопатот „Пријателство“
Следна вестНа граничните премини денеска само со нови документи, Албанија пушта и со стари лични карти