Парламентот во секоја нормална земја е извор на демократијата. Дали во Македонија е така? Ако го погледнеме обидот за правење нов деловник за работа на Собранието…, многу дилеми ќе ни се отворат.
Покачувањето на платите, исплатата на патните трошоци, не биле единствено нешто околу што можеле да се согласи најголемиот дел од пратениците во македонското Собрание. Пред неколку дена народните претставници од наголемите партиски групации од власта и од опозицијата во парламентот постигнаа согласност и околу новиот Деловник за нивна работа. Па така, со 78 гласа „за“ и два гласа „воздржан“ пред недела дена ја изгласаа потребата од новиот Деловник за работа на Собранието.
Тоа значи дека тој сега ќе оди во второ читање како следна фаза од постапката за донесување, односно на амандманска расправа во Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а потоа и на пленарна седница за конечно усвојување. А потоа, би требало да стапи во сила од следниот парламентарен состав.
Новиот Деловник, околу кој се согласиле и СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ… како што се најавува, би требало да ги надмине сите оние проблеми со кои парламентарците до сега се соочувале од технички аспект на нивната работа. Претседателот на парламентот Талат Џафери деновиве најави дека Деловниот ќе претставува „заедничка гаранција дека Собранието не може да се блокира, туку ќе биде функционално во името на граѓаните“.
Интересно, против блокади во Собранието зборува неговиот претседател кој во еден од претходните состави со денови молчејќи на говорница или читајки поезија го блокираше парламентот. Но, ете сега…
Како ќе се стори тоа „одблокирање“? Дали е одбран вистински и демократски начин на којшто во иднина ќе се обезбедува функционалноста на Собранието? На ова деновиве укажуваат дел од пратениците.
Спорни стануваат деловничките одредби коишто се однесуваат на постапка за донесување на нови закони. А тие предвидуваат расправата и гласањето да заврши за само околу пет дена – три дена за расправа по комисии, еден ден за пленарна седница и ден за гласање. Односно, целата постапка за нови закони со кои ќе се регулираат важни прашата и чиишто последици ќе ги чувствуваат сите граѓани и целото општество, ќе трае како во случај на сега веќе многу пати злоупотребеното „европското знаменце“!?
Лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев деновиве укажа токму на овој проблем потенцирајќи дека се работи за целосно недемократско решение.
-Ова значи дека и 500 и 1.000 амандамни да поднесете нема да значи ништо. Третиот ден завршува расправата по амандманите. Педесетина поминале, а другите ќе одат во корпа. Тоа ќе значи дека џабе имаш опозиција, дека секој закон ќе биде како да е донесен со употреба на ЕУ-знаменце, амандамните нема да се разгледуваат, филибастерингот како демократска алатка на опозицијата нема повеќе да постои, и ќе имате штанцање на закони, укажа Апасиев во интервју за „Инфомакс“.
Доколку се прифати таква нова деловничка одредба тогаш тоа и најверојатно ќе се случува. Секоја постапка за нови закони и прописи ќе завршува за три дена, а опозицијата ќе нема други механизми за да влијае врз нивно донесување односно подобрување или надополнување со нивни идеи. На, владеачкото мнозинство (дури и да е со само два пратеника повеќе – односно со 61 пратеник) нема да му биде проблем да почека останатите 59 пратеници да „џафкаат“ и потоа да си изгласаат што замислиле.
Значи, нема да има потреба од дијалог меѓу власта и опозицијата. Деловникот јасно ќе покаже дека власта е многу, многу во предност и не мора да се адаптира иако и за опозицијата гласале многу граѓани на Македонија.
Воведувањето на ваквата одредба која како да е скарана со демоктаријата власта и дел од опозицијата ја правдаа со тоа парламентот веќе да не се соочува со блокади какви што имаше во минатото. Да, факт е дека досегашната можност на пратениците да блокирата одредени закони создаваше проблеми во работата на Собранието, но тие блокади требаше да се сфатат како потреба власта и опозицијата да соработуваат и да се договараат околу спорни прашања за да се дојде до консензус и најдобри решенија.
Парламетарците треба добро да се подразмислат што ќе направат. Не треба да се брза. Парламентот е изворот на демократијата и тоа не треба да се сосече со нов Деловник.
А блокадите множат да се избегнуваат и на многу поелегантен и подемнократски начин. Само треба да се сака тоа да се направи. Впрочем за тоа има многу примери во демократскиот свет.