Градоначалникот на Киев, познатиот боксер Виталиј Кличко, смета дека е направена грешка кога бил сменет главниот на војската на Украина.
-Отказот на Валери Залужни беше голема грешка. Мораме да се обединиме околу луѓето кои имаат најголема поддршка – како Залужни, кој има најголем рејтинг на анкетите, изјави Кличко за италијанскиот весник „Ла Република“.
Според Кличко, генералот Залужни две години успешно ја бранел ннивната земја од „најголемата и најмоќната армија во светот“, додавајќи дека јавноста го гледа познатиот генерал како „најважниот бранител на нацијата“.
Кличко, кој претходно го обвини Зеленски за „авторитаризам“, тврдеше дека претседателот „требаше да објасни зошто донел одлука што го шокираше секој Украинец“, бидејќи „многумина се чувствуваа збунети, очајни“.
Тој додаде дека „големата грешка што многу луѓе ја прават денес е играњето политика“.
Како што јавуваат медиумите, Валери Залужни беше заслужен за водењето на одбраната на Киев во раните фази на конфликтот, како и за успешните операции во втората половина на 2022 година.
Овие успеси беа нарушени со неуспешна контраофанзива во 2023 година, за време на која украинските војници претрпеа големи загуби и изгубија многу тенкови и друга опрема обезбедена од Запад. Сепак, Залужни остана популарен, со рејтинг од повеќе од 80 отсто според анкетата во декември.