Своевремено прогласената за најдобра комедија на Слободан Шијан од 1980 година, овојпат дигитално реставрирана, „Кој тоа таму пее“ (Ко то тамо пева), вечерва ќе биде проектирана во летното кино „Мирно лето“ во Кинотека во рамки на „Скопје филм фестивал класик“.
По повод оваа проекција, гостин на Кинотеката ќе биде директорот на Југословенската кинотека и уметнички директор на ФЕСТ – белградскиот меѓународниот филмски фестивал, Југослав Пантелиќ.
Инаку Кинотеката на Македонија и Југословенската кинотека се во подготовка на „Неделата на српски филм“ во чии рамки ќе бидат прикажани повеќе дигитално реставрирани филмски наслови од листата на српски „културни добра од големо значење“. Веќе двапати оваа презентација на српската кинематографија беше одложена и двете кинотеки се надеваат дека наскоро ќе можат да ја реализираат оваа соработка.
Проекцијата на филмот е поддржана од културно-информативниот центар „Спона“ во Македонија. Сценариото на филмот е на Душан Ковачевиќ, а во главните улоги се појавува плејада од врвни југословенски и српски актери како Павле Вуисиќ, Александар Берчек, Данило Бата Стојковиќ, Драган Николиќ, Славко Штимац, Неда Арнериќ, Ташко Начиќ, Боро Стјепановиќ, Бора Тодоровиќ, Миливоје Томиќ и други.
Влезот е слободен.Филмот почнува во 20 часот.