Протест на лицата со попреченост доколку до среда не се исплатат личните асистенти, најави денеска Коалицијата „Менуваме“. Иако пред 10 дена Министерството за социјална политика, демографија и млади им вети дека личните асистенти набргу ќе бидат исплатени, а за тоа писмено на 23 септември го известил Црвениот Крст, како давател на услугата, сѐ уште доцнат средствата за исплата на надоместоците.
Од Коалицијата „Менуваме“, што ги застапува правата на лицата со хендикеп, денеска на Министерството за социјална политика му порачаа дека ги излажало и му дадоа рок до среда да ги исплати задоцнетите пари до Црвениот Крст. Се работи за неисплатени средства за лични асистенти за јуни и јули во Скопје, Прилеп и Струмица, а за август и септември не се исплатени во ниедна општина во Македонија.
-Побаравме, ни велеа проблемот бил надминат, наводно, но до ден-денес никаков проблем не е надминат и воопшто пари не се пуштени. Минатата недела лажно ги алармираа центрите за социјална работа , да ги подготват ферманите , но лажат, не беа подготвени, рече Суарет Алишан од Коалиција „Менуваме“.
Од „Менуваме“ побараа и средба со министерот за социјална политика , во присуство на претставници од Црвениот Крст и правници, за надминување на проблемот.
Реагираа и од Црвениот Крст на Град Скопје, од каде велат дека исплатата на надоместокот од 17 000 денари месечно за личен асистент, треба да продолжи во континуитет.
-Навистина не е во ред да се прекине денес, па потоа да продолжиме после некој период. Зборуваме за голема група луѓе, зборуваме за повеќе од 1.400 корисници или пак за 700 даватели на услугите, кои што поминале еден соодветен тренинг, обука, кажа Александра Валкановска -стручен соработник во Црвен Крст на Град Скопје.