Низа забелешки изнесе невладината организација Коалицијата „Сите за правично судење“ по вчерашното разрешување на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.
Од Коалицијата велат дека од страна на член на Судскиот совет, пред почеток на вчерашната седница е ставен предлог за дополнување на предложениот дневен ред, по што за истиот предлог Советот гласаше преку електронскиот систем кој го користи. Со 6 гласа „за“ и 6 гласа „против“ предлогот првично не е усвоен, но член на Советот изјави дека се сомнева во резултатите од електронското гласање и побара гласањето да се повтори со кревање на рака, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Во нивното соопштение натаму се наведува следното:
„При повторното гласање предлогот е изгласан со 7 гласа „за“, и 5 гласа „против“ од присутните членови на седницата, со право на глас. Притоа, не беше понудено ниту образложение за сомнежите во резултатите, ниту пак образложение за разликата во резултатите од гласањето. Во однос на ова прашање, треба да се има предвид Деловникот за работа на Судскиот совет на РСМ, кој во членот 13 детално го регулира начинот на одлучување и гласање. Оттука, при носењето на одлуките, предност се дава на електронскиот систем за гласање, а само по исклучок односно доколку од оправдани причини гласањето не може да се изврши преку електронскиот систем, се дозволува истото да биде спроведено со кревање на рака.
Дополнително, во ставот 2 од истиот член, предвидена е можност по предлог на член на Советот да се дозволи гласањето да биде направено со кревање на рака, во случај доколку некој од членовите се посомнева во резултатите од гласање преку електронскиот систем, што и било направено на денешната седница. Без разлика што Деловникот дава можност за промена на начинот на кој што се врши гласањето, евидентно од пракса е дека членовите никогаш не даваат образложение поради која причина се сомневаат во резултатите од гласањето. Недавањето соодветно образложение, и инсистирање на промена во начинот на кој што се врши гласањето, е особено проблематично со оглед дека оваа можност многу лесно може да биде предмет на злоупотреба од страна на членовите при секоја ситуација во која што тие не се согласуваат со резултатите од гласањето, а во насока да се издејствува поинаква одлука од страна на Советот.
Дополнително, согласно член 12 став 3 од Деловникот за работа на Судскиот совет на РСМ, по отворањето на седницата, претседателот на Советот го предлага дневниот ред на седницата, а член на Советот може да предложи измена на дневниот ред со усно образлагање на предлогот. Токму на седницата, член на Советот даде предлог за измена на дневниот ред и тоа со додавање на нова точка за дискусија, која беше изгласана. Сепак, иако согласно досегашната практика на Судскиот совет по соопштувањето на предлогот за дневниот ред и негова измена, истиот се става на гласање, на седницата, предлог дневниот ред на седницата воопшто не беше ставен на гласање за усвојување.
Оттука, единствено се гласаше за предложената нова точка на дневниот ред – расправање за меѓучовечките односи во Судскиот совет, при што веднаш следеше усвојување на записникот од претходната седница, односно дискусија по точките на дневниот ред. Ова доведува до парадоксална ситуација, односно доколку дневниот ред не бил усвоен, тогаш воопшто не би можело да се премине кон дискусија по предложените точки, или пак, доколку дневниот ред бил усвоен, при дискусија за меѓучовечките односи во Советот, не би можело да биде додаден предлог за разрешување на претседателот на Советот во рамки на дискусијата за меѓучовечките односи. Ова воедно претставува и ризик Советот да формулира прилично лабави формулации на точките на дневниот ред, во рамки на кои ќе може да додава и други предлози, со што значително би се намалила транспарентноста и отчетноста во постапувањето.
На ова се надоврзува и проблемот со целосното отсуство на одредби во Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, како и подзаконските акти, првенствено Деловникот за работа на Судскиот совет на РСМ, кои се однесуваат на престанок на мандатот на претседателот на Судскиот совет. Така, во постоечките прописи е предвидена постапка и услови за избор на претседател на Судскиот совет, но не и постапка, услови и основи за разрешување, во кој поглед постојат само одредби за дисциплинска постапка и одговорност на член на Советот.
Дотолку повеќе што и во членот 36, став 1 од Законот за Судскиот совет на РСМ таксативно се набројани надлежностите на Советот, од каде е очигледно дека истиот може да одлучува само за дисциплинска одговорност на член на Советот, а не и за посебно разрешување само од функцијата претседател на Судски совет. Оттука, може да се заклучи дека престанок на мандатот на претседателот на Судскиот совет пред неговиот истек, е можен само доколку постои престанок и на неговиот/ нејзиниот мандат како член на Советот.
Следствено на ова, престанок на мандат, во смисла на разрешување, може да постои само како резултат на сторена дисциплинска повреда согласно членот 34 од ЗССРСМ. Сепак, за да постои каква било дисциплинска мерка или разрешување на член на Советот, претходно мора да биде спроведена дисциплинска постапка согласно членот 35 од ЗССРСМ, односно да биде поднесено формално образложено барање поткрепено со докази, доставено од кој било член на Советот или најмалку 20 судии. На ваквото барање, членот против кого се однесува, може да достави одговор во рок од 8 дена од денот на добивање на барањето со доказите, по што во рок од 2 дена претседателот, односно заменик претседателот на Советот ги доставува материјалите до останатите членови и закажува седница на која ќе се расправа по барањето. По ова, за да може да се донесе одлука за разрешување на член на Советот, за истата мора да гласале најмалку 8 члена со право на глас, при што мора да гласале за разрешувањето и најмалку двајца членови избрани од Собранието на РСМ, а притоа членот за чија одговорност се одлучува и членот кој е подносител на барањето не учествуваат во гласањето.
Поради ова, Судскиот совет не можел да донесе одлука за разрешување од функцијата претседател на Судски совет без да донесе одлука за разрешување на членот како член на Судски совет, односно не ја испочитувал процедурата во која може да се одлучи за каква било дисциплинска одговорност на член, вклучително и претседателот на Судски совет, како и ја донел одлуката со несоодветно мнозинство, односно наместо со 8, одлуката ја донел со 7 гласа „ЗА“, од кои еден бил и глас на членот кој ја покренал иницијативата за разрешување.
Што се однесува до начинот на водење на седниците на Судскиот совет, согласно Деловникот за работа на Судскиот совет, претседателот на Советот ја отвара седницата, и ја води истата согласно Законот за Судскиот совет на РСМ и Деловникот на Советот. Во досегашната практика на постапување на Советот за отворање и водење на седниците, доколку е присутен на седницата претседателот на Советот, истиот ја отвара седницата и ја води до констатирање дека седницата е прекината или пак завршена. Во случаите кога претседателот на Советот е спречен да присуствува на седницата, односно е отсутен од истата, со седницата раководи заменик претседателот на Советот. На денешната седница се воспостави невообичаена практика, што претходно не се применувала, а тоа е дека иако претседателот на Советот е присутен на седницата, ја отворил истата и започнал да ја води, сепак кога претседателот одби да го стави предлогот за нејзино разрешување на гласање, заменик претседателот на Советот го презема водењето на истата. Од досегашниот мониторинг што го врши Коалицијата, ваквиот начин на водење на седниците до сега не бил применуван, односно седниците секогаш ги водел претседателот на Советот доколку истиот е присутен на седницата, а заменикот ја водел седницата само во негово отсуство што дополнително остава отворени прашања и дилеми за причините и законските основи поради кои заменик претседателот го преземал водењето на седницата во присуство на претседателот на Советот.
Имајќи го предвид претходно изнесеното, Коалицијата апелира на доследно почитување на законските одредби, како и прифатените стандарди на добро управување и добро владеење, особено во ситуација кога државата веќе се соочува со нарушена репутација во поглед на функционирањето на судството, како и фактот што Судскиот совет веќе неколку пати се има доведено во вакви слични ситуации, со кои многу тешко може да се справи. Во оваа насока, транспарентното и отчетното постапување, со темелно образлагање на постапувањето и одлуките кои ги носи Советот се императив, а притоа мора да има свесност и одговорност за последиците кои можат да бидат предизвикани со применување единствено на минималните демократски стандарди за добро владеење.