Најавената реформа во образованието не ја добива поддршката која ја очекуваше министерката Мила Царовска кога го најави својот план. Затоа, таа извесно време е растрчана, бара поткрепа…
И еве, Царовска денеска се пофали дека на средбата со претставници на невладини организации ја одбила нивната подршка за предложените реформи во основното образование.
-На средбата беше покажа недвосмислената поддршка за новата концепција за основно образование, рече таа по средбата со претставници на Хелсиншки комитет, Отворено општество, Мобилност Македонија и други.
Но, кога министерката ќе се сретне со најповиканите, со оние кои се вклучени во образовниот процес, со најдобрите познавачи на материјата? Кога ќе разговара со оние кои имаа сериозни забелешки на реформата?
Претседателството на МАНУ и нејзиниот претседател Љупчо Коцарев, на пример, искажаа категорично противење. Претседателството на МАНУ застана на ставот дека е потребно „стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава, а реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, а нејзиниот прв човек рече дека:
– Единствена цел е да се избрише од наставната програма во основното образование предметот историја. Да се избрише предметот историја во овој момент и притоа да се заборави местото и улогата на предметот историја во воспитно образовниот процес на младите генерации во Европски и меѓународни рамки и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија е навистина непотребно, истакна Коцарев.
Меѓутоа, Царовска се реши да одржи само средба со дел од академиците од Одделението за општествени науки (Таки Фити, Владо Камбовски…). Но, зошто немаше средба со Претседателството на МАНУ и со нејзиниот претседател?
До сега таа требаше да сретне со претставници на образовни и други институции кои во изминативе денови укажаа на големи забелешки и противење на предложениот концепт. Не е најавена средба со Сенатот на УКИМ (највлијателен универзитет во Македонија) кој неодамна соопшти дека „избрзаните и необмислени решенија може да предизвикаат сериозна штета“ и кој се спротивстави на спојувањето на предметите.
-Потребно е да се потенцира значењето на природните науки во системот. Односно, да се разделат природните науки во поединечни предмети – Физика, Хемија и Биологија. И историја треба да остане самостоен предмет, е на сенаторите.
Досега не се организира ниту средба со претставници на Филозофскиот факултет (кој е лулка на македонското образование) кој е категоричен дека „Нацрт-верзијата содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата“. Неговиот Институт за социологија, пак, порача дека „Реформирањето“ на нашето образование повеќе заличува на „невладина организација“ отколку на сериозна институција“…
На средба чекаат и од Педагошкиот факултет од Скопје од каде предупредија дека не е потребно брзање во овој процес.
-Решенијата понудени во Нацрт-концепцијата не се засновани на прецизна идентификација на вистинските проблеми и предизвици во основното образование, потенцираа од оваа образовна установа.
Се огласија и професори од Природно-математичкиот факултет кои ги држат предметите Методика. Јасно и порачаа на министерката Царовска дека нагли промени во образованието ќе бидат непродуктивни и штетни.
Кога министерката ќе се сретне со сите нив и ќе поразговара околу подобрување на нејзиниот концепт на реформа?
Зарем се доволни разговорите и поддршката од директори на основни училишта и наставници кои биле поканети на одвоени средби, како и од градоначалниците со кои е од иста партија?