Што е вистината за недобивањето на помош од солидарниот пакет на ЕУ? Како тоа помош добиваат три земји во регионот, но не и Македонија?
Да јавноста доби соопшенија со некакви објаснувања, ама сепак овие прашања се наметнуваат по веста дека од пакетот за помош тежок 530 милиони евра Србија ќе добие речиси 12 милиони евра, Албанија 900.000 евра а Црна Гора 200.000 евра, а Македонија ништо.
Објаснувањето од ЕУ е дека во првиот бран од здравствената криза Македонија не направила доволно расходи за да се квалификува за помош преку Фондот за солидарност на ЕУ. За финансиска поддршка преку ФСЕУ се квалификувале расходи во здравствениот сектор настанати во период од четири месеци, сметано од датумот кога земјата која што аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или пак прогласила вонредна состојба. Во конкретниот случај на Македонија станува збор за период од 10 март до 9 јули 2020 година.
Од македонскиот Секретаријат за европски прашања објаснуваат дека Македонија за тој период потрошила 7,6 милиони евра за справување со панденијата, а било потребно 31 милион.
-Поддршката од ФСЕУ беше условена со оптоварување врз јавните финансии од 0,3 отсто од бруто националниот доход (БНД) на потенцијалната земја-апликант. Во апсолутни бројки, во случајот на РС Македонија овој праг изнесуваше 30 852 000 евра и истиот не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7 670 831 евра. Поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина на донации во борбата со Ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн) кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот кој беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат, соопштија од СЕП.
Меѓутоа, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ смета дека зад недобивањето на помошта се наоѓаат другите причини.
-Македонија, како што почнуваат да излегуваат работите, како да не аплицилара за средства од солидарниот фонд? А и да аплицилирала, зарем би и дале европски пари на земја која се најде на црна листа, земја чиј премиер и министер сакале поради провизии да го излажат официјален Пекинг, се наведува во партиското соопштение.