Ваучерите за туризам кои вредеа 6000 денари се најдоа „на препродажба“ за 4000 денари па и пониска цена. Некои од оние кои ги добиле, сега ги препродаваат односно се обидуваат да заработат на нив, недозволено. Прашањето е зошто ова се случува?
Јавноста е поделена во ставовите. Едни сметаат дека требаше да се прави многу поголема контрола на луѓето кои зедоа ваучери, а други дека вакви субвенции за туризам не требаше ни да се делат.
– Ако веќе ги поделивте, тоа што некој се обидува да заработи и да тргува со нив е доказ дека контролата на (зло)употребата требаше да биде на прво место. Тоа се пари од буџетот што некои луѓе ги земаа, а излегува дека не им требаат. Очигледно нешто не било во ред со „филтерот“ што селектрирал кој треба а кој не да добие туристички ваучер, коментираат граѓаните.
Има и такви кои се спротивставуваат на постоењето на ваквите туристички ваучери уште откако се најавија.
– Зарем ваучери ли ни требаат сега кога гледаме дека и терањето одмори е ризично за нови заболувања?! Ако се сакаше да се помогне на хотелиерите односно туристичките центри можеби требаше поинаку, вака ем се злоупотребуваат ваучерите ем корона вирусот е лежиштето што ќе експлодира во секое време во Охрид, Преспа, Дојран – каде речиси никој не носи маски, анализираат граѓените.
Надлежните најавија истраги за да се утврдат злоупотребите, како ќе течат и дали ќе има санкции ќе се знае во периодот што следи.