Кој ги лаже учениците?

Министерот за здравство Венко Филипче во последната изјава му порача на Бирото за образование дека не е основано оправдувањето заради пандемијата да не се делат свидетелства. Имено, неодамна Бирото испрати јавно соопштение со кое им наложи на училиштата да го одложат давањето на оценките наведувајќи ги ковид-условите како причина. Според Филипче, дворовите на училиштата се безбедна средина, на отворено, па процесот може да се заврши. Впрочем, така се организираше делењето лани, кога епидемиолошката крива беше во повисока форма отколку постојното лето. Сега откако Филипче настапи контра образовната институција, кое ќе биде објаснувањето?

Дали сепак е вистинито она што го соопшти неодамна претседателот на СОНК, Јаким Неделков, дека се работи за проблем на државно ниво, односно нереализирана тендерска постапка: имало проблем кој ќе ги печати свидетелствата, бидејќи постапката не е завршена. Свидетелства добија само деветтооделенците и матурантите бидејќи им се потребни за упис во средно образование, односно на факултети – и тоа од стари залихи.

Ако е ова вака, тогаш зошто одредени училишта низ Македонија им бараа на учениците пари ако сакаат свидетелства – буквално образовен рекет што се движеше од 30 до 200 денари? Државниот инспекторат вети дека ќе ги санкционира бидејќи барањето пари за свидетелства е противуставно. Колку училишта се санкционирани – детали нема.

Зошто се дозволи ситуацијата да стигне до тука, кој ги лаже учениците кои во случајот се колатерална штета?

Претходна вестСледуваат два изгор-дена: Бремените жени и постарите од 60 години да седат дома
Следна вестДва концерти во рамки на „Скопско лето“ вечерва во Музејот на македонската борба