Откако пред речиси еден месец беше објавено дека јавното претпријатие „Водовод и Канализација“ ќе потроши повеќе од 70 илјади евра за мебел, од кои 50 илјади евра за канцелариски столици и 20 илјади евра за плакари и бироа, од таму никој не се одважи да објасни дали е вистина, зошто толку скап мебел, кому му е потребен?
Зарем во среде ковид-пандемија и економска криза јавните претпријатија треба да трошат пари за вакви луксузи, а знаеме при тоа колку кредити зема државата во обид да се извлече од финансиски дупки? Истите дупки донесоа долгови на секој еден граѓанин, па бројни генерации во иднина ќе треба да ги враќаат…
Да потсетиме какви договори склучи претпријатието, а беа објавени на веб сајтот на Бирото за јавни набавки.
Првиот се однесува на набавка на столици и истиот е склучен на вредост од околу 50 илјади евра. Цената на една столица се движи од 3200 денари, а најскапата достигнува цена поголема од 200 евра.
Вториот договор склучен во висина од околу 20 илјади евра и истиот се однесува на набавка на плакари, бироа и фиокари.
Набавката треба да се реализира, според договореното, во период од 12 месеци.