Кој ќе го сврти листот кога никој не може да ни рече имај надеж, доверба во нешто и некого?

Колумна на Владимир Величковски

Сретнувам луѓе со спуштен поглед и набрано чело,загрижени се. Не се знае што носи денот. И пензионерите одржаа свој перформанс протест со крајно сиромашен ручек пред кич зградата на владата, како и сите други партиски седишта. Владеат пазарни профитери, ветуваат дека струјата нема да поскапи,но кој да им верува. И тука се пречекуваат високи гости од светот. Некому му смета крстот на Попова Шапка поставен на имот на црквата, при што ги премолчуваат бројните, незаконски подигнати дивоградби. А функционерите на партиски „елити“ безобразно се луксузираат, а судот енормно им ги зголеми платите. Какво дрско самоволие е да истурат големи народни пари за реновирање на салата за одржување ОБСЕ, без некој посебен резултат за нашата земја наместо со нив да се изградеше нов конгресен центар. Во новата година влегуваме со голем долг, длабока криза во сите сфери со тешко безаконие и влошени меѓунационални односи со отворена тенденција за федерализација на македонската држава. Власта не реагира на ниту едно прекршување на законот. Не се чувствуваме безбедно во својата татковина, опружени сме со различен вид насилство и уцени, криминал и убиства кои не се разјаснуваат. Ни се случува амнестирање, барање да се ослободат осудени заради натрупаност и нехумани услови во затворите, ослободување од кривично гонење заради застареност на судскиот процес на разни припадници на „арамиско-бандитската класа“. Зошто не изградат колонија со затвори, од похуман тип. Почна предизборната кампања а со тоа и пазарџиските договарања меѓу партиите кои повеќе нудат лажни ветувања отколку реални констатации, без добро осмислен план и визија за развој.

Исфрлија пред луѓето флоскула за масовно вработување, нејасно и сомнително, партиски кадри пред сите други. И тоа кога не знаат како да ја решат нефункционалната превработеност во институциите, создадена со балансер, или по етнички клуч како и големата невработеност и неконтролираното големо иселување од градовите и од родната грутка. На разни високи функции се наоѓаат и оние кои не ја чувствуваат македонската држава како своја, туку ја растураат или вандализираат. Тие знаат само за исклучиво еднодимензионалното монотоно повторување на едни исти зборови, како што се: брзи избори, реформи, уставни измени, криминал и корупција. Чисто папагалски, и ништо повеќе. Никако да почнат да работат на корисни промени, пред се на реформирање на мислењето, и секако за ублажување на корупцијата.Тешко ќе одат промените во  растуреното судство, подобрувањето во образованието, а здравството подолго време не заздравува.

Некој гледа решение во основањето на специјално обвинителство, специјален суд и национално биро за истраги. Сите добри или позитивни промени би требало да се направат пред се заради ред и развој, заради интересите и просперитетот на сопствената земја. Кој ќе го сврти листот кога никој не може да ни рече имај надеж, доверба во нешто и некого. За почеток, нека остане барем добра волја, иако во заробена и колонизирана држава. За жал, секоја страна за другата мисли и обвинува дека е против европската интеграција. Големи лаги и лицемерие на сите партизирани структури. И во ова време доживуваме непризнавање, со разни уцени и закани, пред очите на ЕУ, без никаква реакција од нејзина страна. Формирана е анкетна комисија за политичка одговорност на оние кои се огрешиле од законот и професионалната етика. Утврдувањето на виновник е подолг и потежок дел од процесот, а треба да го водат компетентни лица. Комисијата својата работа ја заврши со неодреден заклучок, дека постои „канцер мафија“, како да не знаеме дека здравството е многу порано во тешка криза. Никој не реагираше на почетниот агресивниот извик:„Смртна казна за секој што ќе посегне да одлучува за друг човечки живот.“ Потребно е секој прво да погледне во себе и својата работа, како морален чин, а не, на невидено, со молив или хемиско да потпишува пресуди.

Скопје осамна со лошо украсен во разнебитен плоштад, а елката стана тема за потсмев. Не е се во парите туку во отсуството на вкус и естетска култура. Поимот „мајка на градот“ е чест, но и одговорност, значи вистинска грижа и познавање на градот. Кој од партиските градоначалници зад себе оставил некое вредно дело?! Сите ветуваат, ама ништо што почнале не е завршено. Ова е, впрочем, време на брзи промени и на површност во работата. Тие зад себе оставаат руини или несреќни решенија не само на архитектнонско- урбанистички план. Барем да го подигнеа ѓубрето расфрлано низ градот кон тешките сиви облаци. Може да се доживее дури и поетски. Прочитав: архитектонско-споменичкиот комплекст (спроти Р.Собрание) посветен на „Паднатите херои на Македонија“ (кој треба да ги слави хероите) претставувал „субверзивен споменик во духот на  национал-социјалистичкиот визуелен репертоар како пандан на силно хегемонистичката влада што го наречува“ (скапо платен во рамки на проектот Скопје 2014“). После ова нема смисла да зборуваме за откината опашка на бронзениот бик во центарот на градот. Градот, покрај големата сиромаштија доби нов, најголем до сега продажен „мол.“

Претходна вестАнтево слово 2024, Меѓународен конкурс за поезија во Сицилија, Италија
Следна вестСашко Георгиев поднесе оставка, Весна Дамева се врати на чело на Судскиот совет