Исполнета е одлуката на Управниот суд откако денеска Весна Дамева повторно е избрана за претседателка на Судскиот совет. До расплетот дојде на денешната седница на којашто членовите на Советот требаше да решат како ќе ја спроведат одлуката на Управниот суд кој ја поништи Одлуката за нејзиното разрешување од претседателската позиција во мај минатата година.
На итна седница на Судскиот совет актуелниот претседател Сашко Георгиев поднесе оставка од позицијата по негово сопствено барање, а како втора точка на дневниот ред се постапи по пресудата на Управниот суд.
Георгиев рече дека откако бил избран во мај 2023 година, судот работел во комлицирано време во услови на бројни критики од Европската унија и САД.
-Не сум имал влијанија и притисоци и никогаш нема тоа да го дозволам. Свесно и одговорно го претставував советот како претседател, рече Георгиев додавајќи дека очекува дека Советот во иднина ќе продолжи со работа и дека ќе може да се соочи со сите предизвици.
Заменик-претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели рече дека нема да расправаат по одлуката на судот, односно дека со поништувањето на разрешувањето на Дамева, на сила е претходната одлука со која таа е избрана за претседател на Судскиот совет.
Зендели најави дека на следната седница ќе преседава Дамева, која ќе одлучи кога таа ќе биде закажана и со кој дневен ред.
Дамева рече дека ова е почеток на враќањето на довербата во судството.
-Во 2023 година се случија немили настани во судскиот совет. Очекувам сите членови и судскиот совет заедно во 2024 година ќе најдат начин да ја санираат таа состојба и да се вратат на веќе трасираниот пат и да ги исполнат основните заложби. Лично сметам дека пресудата на Управниот суд е првиот чекор кој влева надеж дека правдата е достижна и сметам дека тоа е почеток на враќањето на довербата на граѓаните во судството. Нашата работа и сите заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива и ако граѓаните не можат да ја видат, рече таа.
Освен тужба до Управниот суд Дамева во мај поднесе и кривична пријава до Скопското јавно обвинителство за сторено продолжено кривично дело злоупотреба на службената должност и овластување, но од ЈО до денес нема информација дали се постапува по пријавата и до каде е постапката.