Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Тасевски, повикан во полиција да даде изјава по пријава

Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, вчера беше повикан во полиција да даде изјава откако бил пријавен од страна на лица од раководството на македонската навигација, поради преписка преку и-мејл, во која, како што тврдат тие, им се заканувал.

Тасевски за Телма објаснил дека пријавата била поднесена поради преписка преку електронска пошта, за која тврди дека била извадена од контекст, а со која можело да се врши притисок врз претседателот на синдикатот.

Синдикатот на контролорите на летање неколку пати досега обвини дека во македонската авијација се вработуваат несоодветни кадри. Ден пред новата година, на 30 декември, еден од тројцата директори на М-НАВ, Љубе Стаменковски и раководителите на одделот за информатички и надзорни технологии, на одделот за надзорни системи, на одделот за навигациски системи, на електро-енергетски системи и на одделението за воздухопловна техника Охрид, поднесоа оставки од раководните функции, незадоволни од изборот на кадри кои се вработени во секторот за техника во оваа институција.

Извршниот директор Фахрудин Хамиди изјавил дека законите не се прекршени и дека кандидатите се примени на работа според истите услови како и претходните огласи.

Претходна вестОблачно со локални дождови
Следна вестФашистите ѕверски ги мачеле, но Страшо Пинџур и Мирче Ацев никого не предале