Фашистите ѕверски ги мачеле, но Страшо Пинџур и Мирче Ацев никого не предале

Загинаа херојски. Беа млади лица кои се решени да ги дадат и сопствените животи за слобода на својот македонски народ. А народот ги памети, не ги заборава, туку постојано го чува споменот за нив.

Таква е приказната за народните херои од Македонија Страшо Пинџур и Мирче Ацев.

Голема и тешка била жртвата на Страшо Пинџур и на Мирче Ацев пред 81 година, кои беа заедно уапсени и ѕверски измачувани од бугарските фашистичките окупатори. Двајцата  биле решителни слободари и антифашисти. Биле учесници и организатори на Народноослободителната борба на македонскиот народ во текот на Втората светска војна и во декември 1942 година биле уапсени.

Претходно, бил разбиен Велешкиот партизанскиот одред „Димитар Влахов“  по што Страшо Пинџур и Мирче Ацев дошле во Велес да ја консолидираат работата на партиската организацијата. На 19 декември 1942 г., бил извршен упад во куќата на Јован Митрев, при што тие двајца биле уапсени од бугарската полиција и спроведени во Обласната полициска управа во Скопје. Таму биле подложени на невидени измачувања од страна на иследниците.

Тогашниот началник на бугарската државна безбедност напишал во своите извештаи дека е зачуден како се тепање можеле да издржат Мирче Ацев и Страшо Пинџур, но дека не сакале никого да предадат од своите соборци, ниту да кажат било што за својата дејност. Според сведоштвата, и покрај ѕверското мачење Мирче не проговорил ниту збор, а Страшо извикал: „Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас!“. Се наведува дека бугарските мачители дури со клешти им ги откорнале ноктите, сечеле прстите и им кинеле месо од телата.

По повеќедневно ѕверско измачување без судски процес, најпрво умира Страшо Пинџур, а истиот ден – 4 декември 1943 година –  поради тоа што не кажал ниедно име и не предал никого, бугарските фашисти го убиваат и Мирче Ацев. Кога Мирче Ацев бил однесен на погреб во Прилеп, неговите блиски виделе дека му биле откорнати ноктите од прстите, некои прсти му биле исечени, а фашистите дури му кинеле и месо од телото, што предизвикало огромен револт кај Македонците кои дошле на неговиот погреб. Кога виделе колкав е револтот кај Македонскиот народ од погребот на Мирче Ацев, никогаш не го покажале телото на Страшо Пинџур, и до ден денес не се знае неговиот гроб. На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој Страшо го водел во 1933 г., каде запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае“.

Но, затоа пак, сега сите во Македонија ги знаме нивните големи херојства и дела. И тоа нема да се заборави.

Претходна вестПретседателот на Синдикатот на контролори на летање, Тасевски, повикан во полиција да даде изјава по пријава
Следна вест140 казнети возачи во Скопје, седумина возеле без дозвола, четворица поминале на црвено…