Три големи проблеми кои Арсовска мора да ги решава годинава

Скопје влезе во новата година со многу од старите проблем. Во наредниве 360 дена ќе се решат барем дел од нив или и во 2025 година пак ќе констатираме дека – Скопје влезе во новата година со старите проблеми?

Градоначалничката Данела Арсовска веќе е на средината од мандатот, време е да се зафати со посериозно работење на поважните прашања кои му тежат на Скопје.

Од каде да започне?

1. Зголемена чистота, која потоа континуирано ќе се одржува

Скопје е прилично неисчистен град. Да, има акции за чистење, ама треба повеќе да се сработи и за тоа сигурно има простор и со постојните служби. Само треба да се запне. Да, повеќето скопјани се „разгалени“ и фрлаат ѓубре каде сакаат, ама си има служби кои разгалените треба да ги санкционираат. 

2. Подобрен јавен превоз и градење нови сообраќајници

На градот му е потребно итно носење на нов концепт за јавниот градски превоз. Премногу се пимпла со тоа дали БРТ (Брз автобуски транспорт) ќе стане реалност или не. Мора да се направат и повеќе нови сообраќајници низ Скопје. Сообраќајот се гуши во постојната инфраструктура. Што и каде да се направи? Градоначалничката само нека ѕирне во својата изборна програма, многу работи се таму споменати.

3. Вистинско ангажирање за намалување на загадувањето

Скопјани секоја зима страдаат од загадениот воздух. Градоначалничка не треба да пишува соопштенија дека градот не е многу загаден, туку да пишува наредби (преку целата година) на службите што треба да прават за загадувањето да се намали. Воедно треба и да се кординира со Владата, оти ова е ептен сериозно прашање кое со години се развлекува. И да се впрегнат инспекциските служби посериозно за да откриваат загадувачи.

Има и други приоритети. Ама еве и овие посериозно да се решаваат годинава, би се мрднало кон подобрено Скопје.

Претходна вестЗагаденоста во Скопје малку попушти, но воздухот и натаму не е чист
Следна вестТрамп поднесе жалба до Врховниот суд