Општина Аеродром и „Комунална хигиена“ во изминативе денови имаа вербална војна околу нехигиената на подрачјето на оваа скопска општина. Прво оптиското раководство обвини дека градското претпријатие „Комунална хигиена“ не го собира отпадот и покрај нивните апели и писмени барања до градот Скопје.
-Деновиве повторно Аеродром е пренатрупан со отпад. За жал, главните улици и контејнери кои се во надлежност на Градот Скопје повторно се неисчистени и во лоша состојба. И покрај фактот дека жителите на Аеродром издвојуваат финансиски средства за оваа намена, градската администрација и градското комунално претпријатие и понатаму продолжуваат со неодговорниот однос кон јавната хигиената во општината, соопшти Општина Аеродром.
На ова, меѓутоа, стаса демант од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ кое вели дека редовно ги празни контејнерите на територијата на Општина Аеродром.
-Контејнерите кои се надлежност на „Комунална хигиена“ се целосно исчистени, редовно и без отстапки. За жал, општинската служба поради неспособното раководство на општината Аеродром е нефункционална, соопштија од градското комунално претпријатие.
Од она што денеска изутрина можевме да го забалежиме, а што е случај и во изминатиов период, се чини, дека главен проблем се дивите депонии кои што никуваат покрај поставените контејнери. Односно, прашањето кој треба да ги собира и да се грижи повеќе да ги нема? Таква депонија, покрај уредно испразнетите контејнери, забележавме во близина на ТЦ „Бисер“, а поголема депонија веќе никнала зад ТЦ „Капитол“ во центарот на оваа општина. Така, се чини, се додека на се расчисти тоа прашање кое го создаваат несовесните граѓани Аеродром ќе биде валкана општина…