Криза е, значи време е за стегање на каишот. Така зборуваа нашите родители при многуте економски премрежја низ кои поминуваше и поминува Македонија. Ситуацијата и сега е иста.
Во Буџетот нема пари за покачување на платите на наставниците и воспитувачите од 18,4 отсто, ако се прифати тоа ќе има инфлација, и за предлогот за покачување од 10 отсто ќе се прави ребаланс… Сето ова се објаснувањата кои деновиве владините функционери им ги кажуваат на синдикалците од СОНК кои штрајкуваат но и на јавноста околу прекинот на работата во училиштата и во детските градинки. Пари малку имало, како и секогаш досега, а тие треба да се обезбедат, како за покачување од 10 проценти така и за бараното од 18,4 проценти.
Епа ако нема пари, министрите го стегнаа ли каишот? Единствен извор на пари може да бидат поголемите буџетски приходи или, пак, штедењето и откажувањето од предвидените трошења. Задолжувањето треба да се заборави. Што направи Владата и нејзините ресори во име на штедењето?
Пред нешто повеќе од месец дена се донесоа повеќе мерки на штедење, со кои се опфатени министрите, градоначалниците, директорите… Сите буџетски корисници се задолжија да ги намалат расходите за 10 проценти, се забрани набавка на мебел и возила, се преполовија средствата за репрезентација, користењето на службените возила…
Дали тоа се спроведува? Колку се заштеди со ваквите силно најавени мерки за штедење?
По скопските улици и понатаму често се гледаат министерски, директорски, раководителски (и какви се не) автомобили кои ги плаќа народот. Растрчани се, работат или…?
Престанаа ли тендерите со кои се плаќаат десетици илјади евра за миење на службени коли, набавки на жардињери, консултантски услуги…? Министерството за образование неодамна излезе со подготвеност да се откаже од некои свои проекти со цел да се обезбедат парите за барањата на штрајкувачите. А дали нешто така понудија и другите министри? Можат ли пратениците да ги намалат износите кои ги добиваат по основ на надоместоците за доаѓањето на седниците? Ќе се стопира ли зголемувањето на бројот на вработените во јавниот сектор? Ќе…