Четири доенчиња со потврден пертусис се хоспитализирани на Универзитетската клиника за респираторни заболувања во Козле. Две од нив се со примена прва доза на вакцина, две не се вакцинирани. Во меѓувреме Центарот за јавно здравје – Скопје регистрираше денес 6 новозаболени со пертусис, со што бројот на заболени со голема кашлица во Скопје достигна 110, пишува Телма.
-Состојбата со пертусис се движи според очекувањата дека ќе има зголемување и проширување на бројот на случаи низ други градови во земјава. Дваесет дена по прогласувањето на епидемија на пертусис во Скопје, градинките сѐ уште ги чекаат насоките по препораката на Комисијата за заразни болести во градинките да не се примаат деца кои се невакцинирани или делумно вакцинирани. Да, точно е дека оваа мерка можеше да проработи порано и тука може да се надеваме малку на совеста на родителите, бидејќи е комплетно научно базирана и е сосема издржана. Значи многу е логично децата кои не се вакцинирани, да не ги посетуваат градинките, бидејќи имаат поголема шанса да се разболат таму и понатаму да придонесат за ширењето на големата кашлица. И ние како Комисија се обидуваме да ги разработиме патиштата, видовме како било тоа во епидемијата со морбили и очекувам на истиот начин многу скоро да дадеме препорака до Државниот здравствен и санитарен инспекторат да ги задолжи градинките тие да направат список вакцинирани и невакцинирани и да забранат прием на деца невакцинирани во предшколски институции, изјави претседателот на Комисијата за заразни болести, проф. д-р Александар Петличковски.
Градинките и Министерството за труд и социјална политика чекаат насоки и од Комисијата и од Министерството за здравство за да дејствуваат, но паралелно ги проверуваат вакциналните картони.
– Во сите проверки што се направени од инспекторите, за Скопје зборувам за градинките, затоа што тука е жариштето условно кажано, инспекторите ги проверуваат досијеата и до сега не се најдени забелешки. Нема забелешки досието да биде нецелосно. До сега нема нешто такво, изјави Ѓоко Велковски, министер за труд и социјална политика.
За моменталната состојба се огласи и Марина Анѓелкова од градинката ,,25мај”:
Ние направивме по насоките на Министерството на труд и социјална политика моментална состојба на вакциналниот статус на секое дете во досието и имаме деца кои немаат ревакцина, ама родителите се совесни и не ги праќааат во градинка, Анѓелкова.
Според професорот Петличковски важно е да се подигне свеста за имунизацијата и кога станува збор за морбилите, доколку имаме предвид дека во некои земји во регионот расте бројот на новозаболени, а кај нас сепак опфатот на вакцинација не е идеален.