Концерт на чешкото трио „Халир“ на „Охридско лето“

Трио „Халир“ од Чешка ќе настапи на „Охридско лето“ вечерва во 21 часот во Света Софија. Составот го сочинуваат: Едуардо Гарсиа Салас – виолина, Шпанија, Јана Подолска – виолончело, Словачка и Барбора К. Сејакова – пијано, Чешка. „Халир“ е оформено во 2016 година со цел да се одржи споменот на ликот и делото на Чешкиот виртуозен виолинист Карел Халир (1859-1909).

По неочекуваната смрт на водечкиот чешки пијанист Вацлав Маха, триото „Халир“ го сочинуваат Едуардо Гарсија Салас (шпански виолинист кој живее во Прага), словачката виолончелистка Јана Подолска и чешката пијанистка Барбора К. Сејакова. Сите членови на ова трио се добитници на награди и признанија на меѓународни натпревари. Настапуваат на фестивали во Шпанија (Махон, Кордоба, Тарагона, Кадиз) како и во повеќе градови во Чешка, Германија, секогаш добивајќи позитивни критики за нивните настапи.

Во 2017 година триото го снима својот прв албум „Гранадос-Дворжак“ во Аудиториумот во Леида (Шпанија) за чешката издавачка куќа „АркоДива“ во соработка со „Наксос“. На ЦД- то се поместени Клавирското трио оп. 50 од Гранадос и Клавирското трио оп. 65 од Антонин Дворжак. Второто дело е едно од најзначајните дела за камерни состави од Дворжак, кое Карел Халир го изведува премиерно во Германија, во Манхајм во 1883 година. Следниот албум на триото повторно содржи референца на премиерата на делото за трио од Паул Јуон кое Карел Халир го извел во 1902 година како и Клавирското трио оп. 50 од П. И. Чајковски што легендарниот виолинист го извел во Лајпциг во 1888  во присуство на самиот композитор.

Претходна вестТрендафилов: Владата да предвиди пари во буџетот за порастот на платите во јавниот сектор, по 15 проценти годишно
Следна вестПожарот над Пехчево ставен под контрола, огнениот појас беше околу 10 километри