Конечно: Медицинскиот отпад во „Дрисла“ ќе се гори во нов стерилизатор

Во целосно нов стерилизатор во иднина исклучиво ќе се согорува медицинскиот отпад на градската депонија „Дрисла“, информира денеска Градот Скопје. Се работи за стерилизатор од познатата италијанска марка ЦИСА, што е иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет.

-Со набавката на стерилизаторот се става крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, односно несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршуваше на Дрисла како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето, се наведува во соопштението.

Новиот стерилизатор е со капацитет од 2 000 литри и може за еден час да третира 350 кг отпад што ќе ги задоволува дневните потреби на депонијата. Системот за третман на медицински отпад е опремен со шредер кој го намалува до 80 проценти од неговиот волумен, со сува вакуум пумпа што ќе придонесе за заштеда на потрошувачката на вода и до 98 отсто, како и систем за заштеда на енергија кој истовремено обезбедува и еколошка безбедност и не дозволува воздухот што го испушта стерилизаторот да ја загадува околината.

Планот е да се направи нова хала во која ќе се смести новата постројка и во која ќе работат вработени само од овој сектор кои работат со собирање на медицински отпад и кои ќе ја ракуваат постројката. Тоа е согласно на европскиот протокол за постапување со овој тип на опасен отпад.

Стерилизатор треба да биде ставен во функција следниот месец. Во старата печка ќе се согоруваат документи кои за уништување ќе ги носи Министерството за внатрешни работи и амбасадите.

Претходна вестВториот бран пак мавна: 8 пациенти починале од вирусот, новозаразени се 136 лица
Следна вестКандидат на ДУИ за премиер е поранешниот функционер на ПДП – Насер Зибери