По молкот од цели пет дена откако беше ставен на американската „црна листа“ струшкиот градоначалник Рамиз Мерко денеска се појави во јавноста со својот став. Во објавата на својот профил на социјална мрежа Фејсбук тој најави дека ќе соработува со истражните органи.
-По најновиот развој на настаните во врска со одлуката на американскиот Стејт Департмент, не сакав да комуницирам во корист на процесите, за кои ќе бидам отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи. Од страна на институцијата Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции. Притоа, во интерес на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите, потенцира Мерко во обраќањето.
Тој сподели и фотографии на коишто е сликан со американската амбасадорка во Македонија Кристина Агилер при нејзината посета на Струга.
– Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга, напиша тој.
Во обраќањето Мерко не спомна дали планира да поднесе оставка или барем времено да се повлече од градоначалничката функција.
Инаку, четиричлена комисија од јавни обвинители денеска врши надзор на постапувањето во предметите поврзани со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во Основното јавно обвинителство Струга и Вишо јавно обвинителство ЈО Битола, по што комисијата ќе изготви извештај. Досега, јавноста беше информирана дека во Обвинителството има шест активни предмети против струшкиот градоначалник. Оттаму посочија дека исклучително сериозно ги земаат предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на Мерко врз постапките, па оттука, најавија и одговорност за сите обвинители кои евентуално постапувале противзаконито.