Утре официјално ќе започне новата учебна година во Македонија. Ова на ден пред учебната година го најави министерката за образование Мила Царовска.
Согласно Планот и протоколите за организација кои ги подготвија институциите на системот во меѓусебна соработка и со поддршка на бројни засегнати чинители, наставата ќе се реализира и со физичко присуство и од далечина.
-Верувам дека и покрај предизвиците и проблемите со кои се соочуваме овие денови, ќе имаме успешна учебна година, дека ќе научиме нови вештини и дека квалитетот на образовниот процес ќе биде на високо ниво, рече Царовска.
Таа е задоволна од Националната платформа за учење од далечина.
-Со задоволство можам да кажам дека ја завршивме успешно обуката на наставниците за користење на платформата. 1.600 наставници ги поминаа обуките од мастер тренерите и станаа училишни обучувачи. Тие понатаму ги обучуваа наставниците во сите училишта во државата, истакна Царовска.
Царовска имаше порака за децата кои немаат компјутери за следење на предавањата.
-Можат истата да ја следат од училница. Доколку пак не можат или родителите одлучиле да не одат во училница за сите ќе биде обезбеден потребниот печатен материјал за да учат дома. Овие ученици ќе бидат во постојана комуникација со наставниците, а сите предавања ќе може да ги следат и на телевизија како снимени часови, објасни таа.
Информираше и дека во околу 600 основни и средни училишта е дозволено да се организира настава со физичко присуство, од вкупно пристигнати 864 барања од страна на основачите.