Изминатиов викенд Скопје остана без три контејнера за фрлење комунален отпад. Беа запалени, при што едниот е целосно уништен, а два други претрпеле значителни оштетувања од пожарот. И вака е со години, периодично засилено, периодично со помал интензитет некој злонамерник ги пали контејнерите.
До кога вака? Ќе биде ли фатен и казнет некој пироман?
Инаку, екипите на градското ЈП „Комунална хигиена“ ја расчистиле локацијата, го замениле опожарениот контејнер со нов сад за одлагање на отпадот, додека останатите два контејнера се сервисирани.
-Апелираме до граѓаните граѓаните внимателно да ракуваат сосадовите наменети за одлагање на отпадот. Секое оштетување на контејнерите значително ја нарушува динамиката на одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад во градот Скопје, соопшти денеска ова претпријатие.
Слични соопштенија имаше и порано, секогаш кога беа опожарувани контејнерите за отпад поставени по градските населби. По неколку контејнери горат на секои месец-два и со што неповратно се уништуваат. Но, сторителите никако да се најдат за да се казнат.
Значи соопштенија и апели не помагаат.
Со таквиот вандализам градот останува со се помалку и помалку нови контејнери. Колку за потсетување, со набавката од 2019 година за сума од 1,5 милиони евра беа набавени нови 540 контејнери со капацитет од 3.200 литри, 30 контејнери за селектирање отпад од 2.200 литри, 950 корпи за џебен отпад, 12 електрични машини за вакумско чистење и десет електрични возила за чистење и миење на јавни површини. Сега, на секој граѓанин кој по улици ги забележува уништените контејнери и корпи му е јасно дека наскоро ќе дојде време кога од таа скапа набавка нема ништо здраво да остане и дека ќе треба да се даваат нови милион-два евра од парите на граѓаните. А во меѓувреме, вандалите ќе продолжат и со уништувањето на градските клупи, светилки, летниковци… целата урбана опрема која чини не налку пари.
Нешто мора да се преземе. Има институции кои се дебело платени да размислуваат околу ова. Во спротивно, градот само постојано ќе дава пари од граѓаните и потоа постојано тие ќе изгорат.