Натпреварот помеѓу Чаир 2030 и МЗТ Скопје e прекинат на полувремето и веројатно нема да продолжи. На полувремето, на пат кон соблекувалните, кошаркарите на актуелниот македонски шампион биле нападнати од непознати лица.
Кошаркарите на МЗТ одбија да го продолжат натпреварот. Првото полувреме заврши со водство на МЗТ Скопје со 44:42.
Потоа имаше реакции од двата тима. Во соопштението на клубот од Аеродром се вели:
-Натпреварот на гостински терен кај Чаир 2030 е прекинат по нападот на неофицијални лица врз нашите тренери и кошаркари во соблекувалната за време на полувремето. Во моментов најважно е здравјето и безбедноста на нашите момци, а повеќе детали за инцидентот очекуваме во текот на утрешниот ден, се вели во кратката информација на МЗТ Скопје.
Неколку часа потоа, се огласија и од клубот од Чаир:
-Супер натпревар, брилијантна атмосфера, полна сала и вечер која ќе остане долго во нашето сеќавање затоа што се потврди дека Чаир е храм на спортот.
Што се однесува до лажните информации што се појавија во јавноста, целосно демантираме со доказ дека натпреварот се снима од сите агли и од многу медиуми. Таканаречениот ‘инцидент’ е измислен од противничкиот тим и секогаш во моменти кога гледаат дека губат, тие лансираат нереални работи. Гарантираме дека немаше физички контакт во ниеден момент, како во однос на приемот, текот на натпреварот, така и при заминувањето од салата, се вели во соопштението од Кошаркарскиот клуб Чаир.