Незаконско е и треба веднаш да се поништи издаденото конзерваторско мислење кое овозможи изградба на 17-катница за 2.000 жители кај Воена болница во скопската општина Карпош, изјави денеска министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа рече дека ова го констатирала работната група во Министерството за култура.
-Извештајот го добивме, и во тој извештај стои дека издаденото конзерваторско мислење не е според правилникот за заштита на културното наследство, го вративме во првостепено одлучување и очекуваме да биде поништено уште денеска, рече таа.
Но, министерката немаше конкретен одговор дали ова ќе значи и итно стопирање на градбата и рече дека другите институции, меѓу кои е Општина Карпош, ќе треба да постапат.
Ова е утврдено по наводите на невладините организации дека е издадено незаконско конзерваторско мислење за изградба на овој објект.
-Повикана е инспекција да отиде во Конзерваторскиот центар и да извршат надзор во однос на Законот за културно наследство. Тие инспектори, не излегуваа на терен од непознати причини, дури вчера беа во Конзерваторски центар – Скопје. Што донеле како мислење – не знам. Тоа што беше во наш домен, ние се обративме до Конзерваторскиот центар и очекувам денес како првостепен орган, кој го издал, да го поништи, додаде министерката.
Според неа, и другите институции треба да преземат чекори по поништувањето на мислењето.
Парцелата на која треба да се гради зградата се наоѓа непосредно до болницата „8 Септември“ која има статус на споменик на архитектноско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. За добивање на градежна дозвола, според Законот за заштита на културно наследство, проектот мора да биде одобрен од Конзерваторскиот центар. Истиот центар, по едно негативно, даде позитивно мислење – кое сега треба да се укине. Инвеститорот на градбата „ЗСФ Ком“ веќе го огради градилиштето и на терен почнуваат градежни работи за изградба на зградата.
Општина Карпош на почетокот на месецов соопшти дека објект наменет за домување на оваа локација е предвиден со Генералниот урбанистички план кој го носи Градот Скопје.
-Во конкретниот случај, на оваа локација со истиот план уште од 2012 година, а кој е во важност до денес е предвидено домување. По носењето на овој план кој е од повисок ранг, локалната самоуправа донесе Детален урбанистички план во 2013 година и на оваа локација е предвидено колективно домување за што дале согласност Градот Скопје, министерството за транспорт и врски, министерството за култура, министерство за одбрана. Овој Детален урбанистички план, токму од овие луѓе е обжален на Уставен суд на Република Македонија, и нивната иницијатива највисокиот судски орган ја отфрли како неоснована. Лага е дека издадената градежна дозвола е без согласност од надлежните институции, напротив, има дури четири согласности за оваа локација од надлежното министерство, а кои се однесуваат на урбанистичкиот план и на идејниот проект кој бил доставен до нив. На ден 21 ноември 2023 година Управата за заштита на културното наследство издала согласност, а потоа од Националната установа „Конзерваторски центар –Скопје“ тричлена комисија позитивно се изјаснила на 27 декември 2023 година. Потоа и министерството за култура потврдува дека издадените согласности се согласно закон и пропишаниот образец, соопштија тогаш од општината.